• сабота, 16 ноември 2024

Укината блокада на трите гранични премини меѓу Косово и Србија

Укината блокада на трите гранични премини меѓу Косово и Србија

Приштина, 7 септември 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави дека се повторно целосно отворени за промет граничните премини со Србија, Мердар и Берњак, кои беа блокирани вчера од граѓани на српската страна на границата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што напиша Свечља на неговата страница на Фејсбук, блокадите поставени вчера од страна на таканаречениот „Советот за блокади на Србија“ попладнево се отстранети, по што и косовската страна ги отворила граничните премини.

„По добивањето на информациите дека блокадите поставени вчера од маскирани екстремисти на територијата на Србија се веќе отстранети и согледувајќи дека нема пречки за сообраќај од и кон граничните точки на Република Косово, ја донесовме одлуката да се отворат за промет граничните премини Мердаре и Брњак. Ред и закон, мир и безбедност, на секоја педа и на секоја граница на нашата Република“, напиша Свечља.

Пред Мердаре и Брњак, утрово беше отворен и третиот премин на границата меѓу Косово и Србија, оној во Јариње.

Блокадата на граничните премини меѓу Косово и Србија ја најави таканаречениот „Совет за блокади на Србија“ откако на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, беа затворени пет институции на паралелни српски структури.

Од косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора синоќа соопштија дека овие гранични премини ќе останат затворени до заминување на маскираните лица на стрпската страна на границата. иа/ссм/

Остани поврзан