• петок, 22 ноември 2024

Указот и „Договорот од Преспа " во четврток на дневен ред во Уставниот суд

Указот и „Договорот од Преспа

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Предметот во кој е оспорен Указот и „Договорот од Преспа" ќе се дискутира в четвтрок на седница на Уставен суд. 

Уставниот суд информира дека предметот е формиран од иницијативите поднесени од Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Ангеловски Стив од Битола, Солза Грчева и Томе Тодоровски.

- Со одредени наводи во иницијативите се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот.  Се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото, наведено е во дел од иницијативите дека претседателот на Собранието на Република Македонија немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката  го кршел  Уставот со непотпишување и во дадената ситуација, претседателот на државата не бил спречен да ја врши функцијата, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието, односно да го потпише Указот, со што се наведува дека е повреден и членот 82 од Уставот. Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот, се вели во соопштението од Уставен суд.  

Во дел од иницијативите, посочуваат од Уставен, подносителите тврдат дека Спогодбата е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и др. и во спротивност со Виенската конвенција за договорно право.

Предмет е формиран од иницијативите У.бр.8/2019, У.бр.16/2019, У.бр.26/2019, У.бр.40/2019 и У.бр.47/2019, со кои, како што информираат од Уставен суд, оспорени се Указот за прогласувањe на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845(1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, бр.08-3866/1 од 05.07.2018 година („Службен весник на Република Македонија” бр.7/2019) и Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 848(1993) на Советот за безбедност на Обединети Нации, за престанување на важноста на Примената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните („Службен весник на Република Македонија” бр.7/2019). аа/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан