• петок, 22 ноември 2024

Турција по 13 години повторно присуствува на средба на Арапската лига

Турција по 13 години повторно присуствува на средба на Арапската лига

Анкара, 9 септември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, утре ќе присуствува на средбата на Арапската лига во Каиро и ќе има обраќање посветено на ситуацијата во Газа, јавија турски медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори.

Ова е првпат по 13 години Турција да учествува на средбата, што, според медиумите, е уште еден знак за подобрување на затегнатите односи помеѓу земјата и Арапската лига.

Министрите за надворешни работи на Арапската лига редовно се состануваат двапати годишно – во март и во септември, пренесува „Хуријет дејли њуз“.

Обраќањето на Фидан ќе ги опфати односите помеѓу Турција и Арапската лига, како и актуелната ситуација во Газа, која од октомври 2023 година е под израелска офанзива.

Според дипломатските извори, развојот на односите помеѓу Турција и арапските земји нуди нови можности за постигнување стабилност и мир во регионот преку конкретни проекти и соработка во различни области.

„Во оваа рамка, Турција има за цел да ги подобри институционалните односи со Арапската лига и да ја засили координацијата со неа. Поканата упатена до министерот за надворешни работи ја одразува зголемената заинтересираност за улогата на Турција во регионот“, наведуваат изворите.

Поканата е и знак за започнување нов период во односите меѓу Турција и Арапската лига. Од 2018 година до денес, Арапската лига донесе резолуции против Турција, обвинувајќи ја за мешање во внатрешните работи на некои арапски држави,  потсетува „Хуријет дејли њуз“.

Нормализирањето на односите на Турција со Египет, како и со некои други арапски земји, исто така придонесе за одмрзнување на односите меѓу Турција и Арапската лига. Групата го смекна својот став кон Турција и го распушти антитурскиот комитет.

Средбата доаѓа по историската посета на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси на Анкара по покана на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Двете земји потпишаа 17 спогодби и заедничко соопштение, во кое се оцртува зголемениот обем на билатералните односи.

Односите помеѓу Анкара и Каиро беа затегнати откако во 2013 година, Сиси, тогаш главен командант на армијата, го собори од власт тогашниот претседател Мохамед Морси, кој беше сојузник на Ердоган. ссм/

фото: архива

Остани поврзан