• понеделник, 25 ноември 2024

Турција: Палењето на Куранот во Шведска покренува прашања за нејзините квалификации за НАТО

Турција: Палењето на Куранот во Шведска покренува прашања за нејзините квалификации за НАТО

Анкара, 4 јули 2023 (МИА) – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска изјави дека неуспехот на шведските власти да го спречат палењето на Куранот на протестот во земјата предизвикува загриженост за безбедноста и поставува прашања за тоа колку е квалификувана да стане членка на НАТО.

Фидан рече дека Турција сепак ќе ѝ даде зелено светло на Шведска да се приклучи на воената алијанса доколку Стокхолм ја „заврши својата домашна задача“ и продолжи со напорите за решавање на прашањата што ја засегаат Турција.

- Фактот што шведскиот безбедносен систем не беше во состојба да спречи провокации и што претстави слика на земја која внесува проблеми во НАТО, наместо сила, не тера да размислуваме за стратешките и безбедносните аспекти, рече тој на заедничката конференција со неговиот јордански колега.

По рускиот напад врз Украина минатата година, Шведска и Финска ги напуштија своите традиционални позиции на воена неврзаност и побараа прием во НАТО.

Сепак, кандидатурата на Шведска е блокирана од Турција која ја обвинува дека е попустлива кон групите кои Анкара ги смета за безбедносна закана.

Турција не е задоволна од серијата демонстрации одржани во Шведска од приврзаниците на Курдистанската работничка партија (ПКК), која е забранета во Турција, како и од протестите на кои беше запален Куранот. јт/

Фото: Анадолија

Остани поврзан