Турција ги повика Сириските демократски сили да го почитуваат договорот со Дамаск
- – Како Министерство за национална одбрана, повеќепати истакнавме дека заштитата на територијалниот интегритет и суверенитетот на Сирија е клучна за стабилноста на нашиот регион, изјави портпарол на Министерството.
Анкара, 23 јули 2025 (МИА) – Турското Министерство за одбрана ги повика Сириските демократски сили (СДС) да го испочитуваат договорот со сириската Влада, со кој се предвидува нивна интеграција во официјалните владини структури, пренесе весникот „Сабах“.
– Како Министерство за национална одбрана, повеќепати истакнавме дека заштитата на територијалниот интегритет и суверенитетот на Сирија е клучна за стабилноста на нашиот регион, изјави портпарол на Министерството.
Тој подвлече дека СДС треба јасно да покаже дека го исполнува договорот со Дамаск.
СДС беше главен сојузник на САД во борбата против терористичката Исламска држава, но Турција ја смета нејзината водечка структура – курдските Сили за заштита на народот (СЗН) – за огранок на терористичката Курдска работничка партија (ПКК).
Претставникот на министерството рече и дека Дамаск официјално побарал воена помош од Турција за справување со тероризмот, по што Анкара продолжила со обуки, консултации и техничка поддршка за зајакнување на сириските одбранбени капацитети.
– Нашата главна цел е поддршка на политичкото единство и територијалната целовитост на Сирија и придонес за траен мир во регионот, додаде портпаролот. ссм/
фото: архива