• петок, 22 ноември 2024

Турскиот парламент ќе одржи вонредна седница на 16 август

Турскиот парламент ќе одржи вонредна седница на 16 август

Анкара, 13 август 2024 (МИА) - Турскиот парламент (Меџлис) ќе се собере на вонредна седница на 16 август, пренесува Анадолија.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, ги повика пратениците на седница која ќе започне в петок во 14:00 часот. Националната новинска агенција на Турција не дава повеќе детали за причината за вонредната седница.

Турските пратеници се на одмор од минатиот месец.

Очекувањата се дека пратениците ќе се соберат во парламентот и на 15 август, кога палестинскиот претседател Махмуд Абас планира да се обрати пред турскиот Меџлис.

Според опозициската новинска агенција АНКА, на седницата в петок ќе се расправа за случајот на опозицискиот пратеник Џан Аталај, кој беше лишен од пратеничкиот статус.

Уставниот суд на Турција на 1 август пресуди дека одлуката на парламентот да му го одземе пратеничкиот статус на опозицискиот пратеник Џан Аталај, кој е во затвор, е неважечка. По објавувањето на одлуката, имаше повици од неговиот адвокат и од опозицијата за негово ослободување и негово враќање во парламентот.

Аталај (47) беше избран во парламентот во мај минатата година како претставник на Работничката партија на Турција (ТИП), сојузник на најголемата прокурдска партија ДЕМ. Во јануари, на Аталај му беше одземен пратеничкиот мандат. ссм/

фото: архива

Остани поврзан