• петок, 22 ноември 2024

Турнирот „Чајка“ генерална проба за македонските одбојкари пред настапот на ЕП

Турнирот „Чајка“ генерална проба за македонските одбојкари пред настапот на ЕП

Скопје, 15 август 2023 (МИА) – Македонската одбојкарска репрезентација претстојниот викенд ја очекува настап на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка". Трите натпревари за избраниците на селекторот Јошко Миленковски ќе бидат убава можност да се види моменталната форма на репрезентативците. На 47-то издание на традиционалниот турнир покрај домашната ќе настапат и репрезентациите на Јапонија, Египет и Грција со што натпреварувањето добива интерконтинентален карактер.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски на денешната прес-конференција им посака успешен настап на македонските одбојкари, како на „Чајка“ така и на Европското првенство.

- Овој август со право може да го наречеме месец на одбојката. Во Скопје ни следува „Чајка“ па натпревари од Европското првенство. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред. АМС е генерален покровител, но апел и до компаниите да се вклучат во помагање на репрезентацијата. Македонските одбојкари заслужуваат поддршка од сите. Тие цело лето се посветени на репрезентацијата, жртвувајќи го приватниот живот, се во насока на достојно претставување на Македонија, истакна Мојсовски кој од ОФМ доби подарок дрес

Селекторот Миленковски вети максимално залагање на сите негови избраници кои ќе добијат шанса за настап.

-Ќе се обидеме на турнирот и на Европското првенство да го искажеме својот квалитет и достојно да ја претставиме нашата земја.

 

Капитенот Никола Ѓоргиев очекува најпрво да се освои трофејот на „Чајка“, а потоа по можност да се помине групата во Скопје и да се обезбеди пласман во втората фаза на Европското првенство.

- Гордост е да се носи македонскиот дрес. Одиме по трофејот на турнирот „Чајка“ иако нема д абид елесно против квалитетни репрезентации какви што се нашите противници. Потоа целта ни е пласман во втората фаза на ЕП, тоа за нас ќе претставува како да сме го освоиле овој пехар кој е овде со нас, а наменет за победниците, рече Ѓоргиев.

 

Турнирот „Чајка“ е закажан да се одржи од 18-ти до 20-ти август, 2023 година, во Спортската Сала "Борис Трајковски" во Скопје, а натпреварите на македонската репрезентација во групната фаза на Европското првенство ќе се играат од 30 август до 6 септември исто така во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. зс/

Остани поврзан