• понеделник, 23 декември 2024

Турнирот во Пекинг без Радукану и Зверев

Турнирот во Пекинг без Радукану и Зверев


Пекинг, 24 септември 2024 (МИА) – Поранешната победничка на УС Опен, Ема Радукану и светскиот рекет број два, Германецот Александар Зверев се повлекоа од тенискиот турнир во Пекинг, објавија денеска организаторите.
Радукану е последната во низата тенисерки од висок профил која се повлече од Отвореното првенство на Кина, откако изјави дека го прескокнува турнирот од серијата ВТА 1000 поради повреда на стапалото.
„Истегнав некои лигаменти во стапалото, на кои, за жал, им треба повеќе време за заздравување. Тоа значи дека не можам да играм во Пекинг, но се надевам дека ќе се вратам во натпреварувањето што е можно поскоро“, изјави 21-годишната Радукану.
Пред неа настапите во Пекинг ги откажаа поранешната победничка на Вимблдон, Елена Рибакина од Казахстан, светската тенисерка број еден од Полска Ига Швјонтек и трикратната грен – слем финалистка, Тунижанката Онс Жабер.
Зверев, пак, поради пневмонија мораше да се повлече од АТП 500 турнирот во Пекинг.
Жрепката за Отвореното првенство на Кина, на која ќе учествуваат четворица од шесте најдобри машки играчи, меѓу кои и светскиот рекет број еден Јаник Синер, е закажана за вторник.
Турнирот во Пекинг на програмата е од 25 септември до 6 октомври. ег

ФОТО: Икс

 

Остани поврзан