• сабота, 23 ноември 2024

„Туркиш ерлајнс“ по 10 години ги обнови летовите за Триполи

„Туркиш ерлајнс“ по 10 години ги обнови летовите за Триполи

Анкара, 29 март 2024 (МИА) - Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги обнови своите летови за Триполи по 10-годишен прекин, означувајќи ново поглавје во односите меѓу Турција и Либија, пишува турскиот весник „Туркије“.

Авионот на авиокомпанијата слета на меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина и беше пречекан со церемонија на која присуствуваа министерот за транспорт на Либија, Мохамад Салем Аш Шахуби, турскиот амбасадор во Триполи, Кенан Јилмаз, генералниот директор на турската цивилна авијација проф. Кемал Јуксек, генералниот директор на цивилното воздухопловство на Либија, Абдурахман бин Јусуф и генералниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екши.

Министерот за транспорт на Либија, Мохамад Аш Шахуби, изрази благодарност до турската влада за нејзините напори да ги обнови летовите на авиокомпанијата. Според него, тој чекор ќе ги поттикне и другите меѓународни авиокомпании да преземат слични чекори.

Турскиот пратеник Јилмаз рече дека Турција и Либија се решени да ги зајакнат своите односи на полето на транспортот, како и на сите други полиња. Тој подвлече дека обновувањето на летовите претставува историски пресврт во односите меѓу двете земји. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан