• петок, 22 ноември 2024

Тупанчески: Со новиот Кривичен законик во целост ќе се ревидира казнената политика

Тупанчески: Со новиот Кривичен законик во целост ќе се ревидира казнената политика

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) - Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела, кои отстапуваа од целите на казнената политика, изјави министерот за правда, Никола Тупанчески, на денешната прва стручна расправа за новиот Кривичен законик во Апелациониот суд Штип.

Како што пренесуваат од Министерството за правда, на денешната, прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациони подрачја, министерот истакнал дека после 27 години се добива нов законски текст со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните.

- Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик, можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат за цел отстранување на лоцираните слабости со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините кои се однесуваат на кривичните дела „Тортура“ и „Малтретирање во вршењето на службата“ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава, рече Тупанчески.

Министерот за правда посочи дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле рзгледувани документите од Манивал, а во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик бил целосно усогласен со Протоколот на Обединетите нации.

- Значајно е и усогласувањето со Директивата на Европската унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Изминатиов период, во јавноста се посебно актуелни случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело „Екоцид“ и квантифицирање на дејствијата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување на мерливи параметри кои се однесуваат на загадувањето на животната средина, образложи министерот.

Од Министерството за правда информираат дека во текот на месецот, стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелационите судови во Гостивар, Битола и Скопје. ар/сп/

Остани поврзан