• понеделник, 23 декември 2024

Трошоците на четиричлено семејство во август зголемени за 214 денари, со ученик во семејството за 8.000 денари

Трошоците на четиричлено семејство во август зголемени за 214 денари, со ученик во семејството за 8.000 денари
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули, покажуваат податоците од најновата синдикална кошница што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија. Според овие податоци, во август на едно четиричлено семејство за да ги покрие основните потреби му требале 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат најмалку за осум илјади денари или во тој случај синдикалната кошница би изнесувала 42.342 денари. Најмногу пари се одвојуваат за храна и пијалоци - 14.633 денари, а за домување 10.818 денари. За лична хигиена потребни биле 2.382 денари, а за превоз минимум 2.529 денари. За културни активности минимум биле потребни 1068 денари, а за здравје 736 денари. - Анализите на ССМ покажува дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат. Трошоците на живот се исто така динамични. Според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, најмногу пораст е забележан ка храна и пијалоци со 1,5 проценти и тоа кај зеленчукот 15,8 проценти, сирењето и урдата 1,1 проценти, месото 0,9 проценти, лебот и житата 0,7 проценти и млекото исто така за 0,6 проценти итн. Посебен товар за граѓаните односно на едно четиричлено семејно домаќинство овој месец е и почетокот на учебната година за кој според податоците кои се официјално достапни и изнесени во јавност, родителите треба да одвојат најмалку по околу 8.000,00 денари по дете кое посетува настава во основно или средно училиште, велат од ССМ. Оттаму сметаат дека е оправдано нивното барање минималната плата да биде најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата бидејќи две минимални плати не се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница. - Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница. Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните, предупредуваат од ССМ. бак/са/

Остани поврзан