• петок, 22 ноември 2024

Трошановски и Кацарска за МИА: ЕК нотира одреден напредок, но не и во клучните области за процесот на преговори со ЕУ

Трошановски и Кацарска за МИА: ЕК нотира одреден напредок, но не и во клучните области за процесот на преговори со ЕУ

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Извештајот на ЕК за Северна Македонија нотира напредок во одредени области како надворешната политика, но недостига напредок во сверите кои се клучни за процесот на преговори - владеење на правото и борбата против корупцијата, оценуваат во анализата за МИА политичките аналитичари Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис и Симонида Кацарска од Институтот за европски политики - ЕПИ.

Трошановски смета дека станува збор за реалистичен Извештај на ЕУ, кој реално ја отсликува состојбата со реформите во земјава.

-Состојбата со реформските процеси во земјата е на објективен начин изразена и многу покритична би рекол споредба со минатогодишниот извештај којшто имаше повеќе дипломатски фрази во себеси. Се разбира дека главен приоритет се уставните измени и на нив упатува самиот Извештај како неопходен чекор за продолжување на процесот на пристапување, односно на преговори. Она што е најважно е дека се констатира непостоење на напредок во она што е најважно за нашето општество, а тоа се реформите во владеење на правото. Пред се, тука се зборува за борбата против корупција, измените на Кривичниот законик коишто се проблематизираа и со кои се даде амнестија на многу случаи, потоа проблемите со судството и нефункционалноста на Судскиот совет беа потенцирани исто така, вели Трошановски.

Она што е исто така важно, и е на позитивната страна, додава тој, е поддршката за нашата цел со стопроцентна усогласеност со заедничката и надворешна безбедносна политика на земјата. Трошановски укажува и на забелешките во Извештајот на Брисел околу употребата на европското знаменце при носење законски решенија.

- Извештајот потенцира дека злоупотребата на европското знаменце и неносењето на Деловникот за работа во Собранието што одамна е договорен и се разговара уште од 2020 година, сериозно ја нарушуваат функцијата на Парламентот и неговата можност да врши надзор и пред се ефективно носење на закони кои ќе вклучат и поширока јавна дебата. И во таа насока и се обесхрабрува употребата на европско знаме за да се истуркаат законски решенија за кои нема јавна консултација, и тоа е нешто важно што треба да го потенцираме, подвлекува Трошановски.  

Според Симонида Кацарска од Институтот за европски политики - ЕПИ, клучните елементи од годинашниот пакет за проширување се условените препораки за почеток на преговорите со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, условениот кандидатски статус за Грузија, како и Планот за раст кој го објави Комисијата. Во овогодишниот извештај за Северна Македонија, наведува таа, добар напредок Комисијата утврдува во поглавјата статистика, слободно движење на капитал и заедничката надворешна политика на ЕУ. Но, посочува таа понатаму, немаме поместување во оценките за подготвеноста за преземање на обврските за членство.

-Тоа што треба особено да не загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучните области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Основи (fundamentals). Во контекст на правосудството гледаме слабеење на напредокот во изминатите три години континуирано, потенцира Кацарска.

Со оглед на фокусот на Планот за раст во Западниот Балкан особено загрижува, оценува таа, недостатокот на напредок во кластерот внатрешен пазар.

-Напредок во поглавјата кои директно влијаат на добивање на придобивки од Планот за раст за Западен Балкан е клучен, доколку сакаме да постигнеме блиска интеграција со Единствениот пазар за што ЕУ веќе нуди мерки во Планот за раст на регионот, вели Кацарска за МИА.

ЕК вчера ги претстави годишните Извештаи за напредокот на земјите аспиранти за членство во ЕУ, Стратегијата за проширување и Планот за раст на Западен Балкан.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата во Брисел порача дека проширувањето останува витална заложба и врвен приоритет на ЕУ, оценувајќи го како историски предизвик за Унијхата.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во однос на нашето ЕУ-досие истакна дека властите во земјава продолжија да демонстрираат и јавно да ја декларираат својата посветеност за напредок на европскиот пат и, посочи дека сега кога започна процесот на пристапни преговори, земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ.  Во однос на уставните амандмани, тој кажа дека Парламентот и Владата се залагаат да почнат и приоритетно да се спроведат релевантните уставни измени.

-Се надеваме дека сите страни ќе го поддржат тоа за земјата да оди напред, изјави Вархеји, додавајќи дека спроведувањето на уставните измени е суверена одлука и определба на земјата, која дополнително би ги зајакнала основните права. 

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, согласно традицијата вчера официјално им го предаде Извештајот на претседателот Стево Пендаровски, на собранискиот спикер Талат Џафери и на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Заедничка прес - конференција по повод објавувањето на Извештајот на ЕК за земјава денеска ќе одржат евроамбасадорот Гир и вицепремиерот Маричиќ. 

Виолета Геров

Фото: МИА Архива/ЕПА

Остани поврзан