• недела, 22 декември 2024

Тропската бура Дана го погоди источниот брег на Индија, евакуирани 600.000 лица

Тропската бура Дана го погоди источниот брег на Индија, евакуирани 600.000 лица

Њу Делхи, 25 октомври 2024 (МИА) - Тропската бура Дана денеска донесе силни ветрови и дожд на источниот брег на Индија, каде претходните денови беа евакуирани речиси 600.000 луѓе.

Според индиската метеоролошка служба, невремето доцна вчера дошло на копно во државата Одиша, со максимална брзина на ветерот од околу 110 километри на час и налети до 120 километри на час.

Во некои области на Одиша и соседната држава Западен Бенгал, налетите на ветрот соборија дрвја, објавија локалните медиуми.

До утрово нема загинати, а не е забележана поголема штета.

Речиси 600.000 луѓе беа евакуирани од областите со висок ризик во Одиша на почетокот на оваа недела, а тимови од спасувачки и хуманитарни работници беа распоредени во очекување на невремето. Училиштата беа затворени, повеќе од 200 поаѓања на возови беа откажани, а летовите до и од главните градови Одиша и Западен Бенгал беа откажани.

Властите беа во состојба на зголемена готовност за можни штети во три области на Одиша, каде што се предвидува издигнување на морето од околу еден метар, што може да ги поплави низините. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан