Тркалезна маса во МАНУ за европската иднина на Западен Балкан
- Северна Македонија и земјите од Западен Балкан се наоѓаат во клучен момент за нивната европска иднина, беше порачано на тркалезната маса на тема „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ“, организирана од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, ЕЦПД РИДС Скопје и Дипломатскиот клуб Скопје. Главната порака беше дека проширувањето на ЕУ не е само демократски процес, туку геополитичка неопходност.
Скопје, 26 јуни 2025 (МИА) - Северна Македонија и земјите од Западен Балкан се наоѓаат во клучен момент за нивната европска иднина, беше порачано на тркалезната маса на тема „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ“, организирана од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, ЕЦПД РИДС Скопје и Дипломатскиот клуб Скопје. Главната порака беше дека проширувањето на ЕУ не е само демократски процес, туку геополитичка неопходност.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на настанот порача дека Европската Унија мора да ја третира политиката на проширување како стратешко геополитичко прашање, а не како бирократски процес. Во своето воведно обраќање, тој ја истакна клучната улога на Западен Балкан за иднината на Европа и подвлече дека конкретните постапки се поважни од симболичните гестови.
-Проширувањето не е само бирократски процес, ниту пак само симболичен чин – тоа е пред сè геополитичко прашање. Денес, Европа се соочува со одлуки кои ги надминуваат традиционалните рамки, барајќи стратешка јасност и обновена решителност. Нашиот континент поминува низ турбулентни времиња, обележани од последиците на агресијата врз Украина и промените во глобалната рамнотежа на моќ. Во овој поширок контекст, Западен Балкан, а посебно Северна Македонија, претставуваат клучни точки на стабилност и стратешка основа за Европа, рече министерот.
Муртезани ја нагласи и потребата од вистинска интеграција на земјите кандидатки преку конкретни резултати, наместо одложени процеси што ја губат суштината на пристапниот процес.
-Пристапот на фазна интеграција што го нуди Европската комисија е ветувачки, но мораме да осигуриме овој процес да не се претвори во бесконечна чекалница. Вистинска интеграција значи вистински напредок – конкретни чекори кои видливо го подобруваат животот на граѓаните, ги зајакнуваат институциите и вистински ги сместуваат земјите кандидатки во европското јадро,“ дополни Муртезани.
Таки Фити, раководител на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, нагласи дека „темата е извонредно значајна и актуелна“, посочувајќи дека „геополитиката се менува неверојатно брзо, а индексот на геополитички ризик е во постојан пораст од 2019 година“. Тој предупреди дека „меѓународното опкружување станува сè понеповолно и работите се комплицираат“.

Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб Скопје, оцени дека проширувањето е инвестиција кон посилна Европа, а Северна Македонија е „симбол на стратегиско трпение“. Според него, „нашите млади и нашето општество заслужуваат кредибилна ЕУ перспектива“.
-Проширувањето е клуч за обезбедување мир, стабилност и да враќање на вредностите на кои се заснова ЕУ, рече тој.
Проф. д-р Никола Поповски, декан на ЕЦПД РИДС Скопје, предупреди на зголемените глобални тензии и милитаризација.
-Светот пулсира со многу брзо, дури и жестоко темпо. Новите регионални војни започнуваат ненадејно, но и брзо завршуваат“. Трошоците за одбрана растат драстично – од 2% на 5% од БДП, што никогаш не завршува мирољубиво, посочи тој.
Тркалезната маса, одржана во Македонската академија на науките и уметностите, имаше за цел да ги анализира промените во глобалната геополитика и нивното влијание врз политиката на проширување на ЕУ. Во фокусот беа перспективите на Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан, во контекст на новиот наратив на ЕУ за проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, безбедност и стабилност.ар/са/
Фото:МИА