• сабота, 23 ноември 2024

Три лица ранети во ново ракетирање на Белгород

Три лица ранети во ново ракетирање на Белгород

Белгород, 15 март 2024 (МИА) - Во Белгород, поради ракетна закана, луѓето кои дошле да гласаат биле принудени да го напуштат избирачкото место и да побегнат во прифатилиште. По укинувањето на воздушната тревога, жителите на Белгород се вратија на гласачкото место и продолжија да гласаат.

Пораката за опасност од ракетен напад во Белгород и Белгородската област е објавена во 08:10 часот по московско време. Од граѓаните е побарано да останат дома и да не се доближуваат до прозорците. По 14 минути алармот бил укинат.

Инаку, руските гласачи утринава почнаа да излегуваат на гласање, на тридневните претседателски избори на кои се очекува Владимир Путин да добие уште еден шестгодишен мандат. Путин има тројца противкандидати: Леонид Слуцки, Николај Харитонов и Владислав Даванков.

Нападот го објави градоначалникот на Белгород, Валентин Демидов на каналот Телеграм. „Белгород утрово беше изложен на уште еден терористички напад од страна на украинските вооружени сили. Возам низ градот. Двајца мажи се повредени. Едниот е хоспитализиран со неколку скршени ребра и набиени гради. Другиот е префрлен во медицинска установа бидејќи лицето му било исечено од шрапнели. И една жена се јави со потрес на мозокот и расекотина на прстот, но таа одби хоспитализација“, напиша Демидов. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан