Во САД починаа три лица по инфекција со ретка бактерија
- Најмалку три лица починаа во Конектикат и Њујорк откако се заразиле со ретка бактерија што јаде месо, која може да се најде во топлите води или суровите школки, потврди денеска американското Министерство за јавно здравје.
Вашингтон, 17 август 2023 (МИА) - Најмалку три лица починаа во Конектикат и Њујорк откако се заразиле со ретка бактерија што јаде месо, која може да се најде во топлите води или суровите школки, потврди денеска американското Министерство за јавно здравје.
Сите три лица биле на возраст меѓу 60 и 80 години, објави Ен-Би-Си Њуз.
Директорот за комуникации во Одделот за јавно здравје Кристофер Бојл изјави дека две лица во Конектикат биле заразени со вирусот Vibrio vulnificus и починале откако пливале на две одделни локации во Лонг Ајленд Саунд.
Се додава дека трето лице било заразено во јули откако јадело сурови остриги.
Вирусот бил откриен и кај лице кое починало на Лонг Ајленд, соопшти гувернерката Кети Хочул.
Официјалните лица сè уште ја истражуваат смртта во округот Сафолк за да утврдат дали бактеријата влегла и во водите на Њујорк или на друго место.
Vibrio vulnificus потекнува од исто семејство како и бактеријата која предизвикува колера.
Благ случај на бактериска инфекција може да предизвика кожни рани, плускавци, апсцеси и чиреви и обично вклучува треска, дијареа, болки во стомакот и можно повраќање. Во потешки случаи, луѓето може да развијат септикемија, сериозна инфекција на крвотокот, што е почеста кај оние со попроблематични здравствени состојби, особено заболување на црниот дроб, рак, дијабетес, ХИВ или други болести кои го компромитираат имунолошкиот систем. ссм/