• петок, 22 ноември 2024

Три концерти вечер на Скопскиот џез фестивал

Три концерти вечер на Скопскиот џез фестивал

Скопје, 22 октомври 2023 (МИА) - Словенечката џез-икона, композитор, тапанар и уметник во слободен стил Златко Каучич, Бери Гај - иновативен басист и композитор и Агусти Фернандез - пијано вечер, во 20 часот, ќе настапат во Националната опера и балет во рамки на 42. Скопски џез фестивал. 

Бери Гај е основач и уметнички директор на London Jazz Composers Orchestra и на BGNO (Barry Guy New Orchestra).

Агусти Фернандез има изградена кариера и широка и заслужена меѓународна репутација.Тој е еден од ретките шпански музичари со висок интернационален рејтинг и светска референца во областа на импровизираната музика. Фернандез има работено со: Петер Ковалд, Дерек Бејли, Еван Паркер, Бери Гај, а соработува и со музичари како Златко Каучич, Матс Густафсон, Џо Морис и Питер Еванс.

- Каучич, Гај и Фернандез се три нови музички икони, мајстори на импровизацијата и рафинираната композиција кои остварија силна музичка врска уште пред да се сретнат, стои во програмата.

Вториот концерт е исто така во Националната опера и балет од 22 часот. Ќе настапат норвешкиот тапанар, композитор, продуцент и лидер на бенд кој живее во Осло - Гард Нилсен и Supersonic orchestra. 

- Неговиот Supersonic Orchestra е несомнено спектакуларен. Тоа е всушност неговиот оркестар од соништата, основан во 2019 година, кога Нилсен беше „artist in residence“ на фестивалот Molde Jazz. Нема потреба да се трошат зборови за музичарите, освен фактот дека сите посебно се силни лидери на бендови и импровизатори од светска класа. Музиката е енергична, сугестивна, динамична, креативна и експлозивна, се вели во најавата за концертот.

На полноќ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе настапи бендот „Bixiga 70“. Формирани се во Сао Паоло, а нивното име е според квартот Bixiga, каде е сместено нивното студио, на раздвижената главна улица „Rua 13 de Maio“, број 70.

- Музиката на „Bixiga 70“ е волшебна фузија од различни бразилски ритми и влијанија. Црпејќи инспирација од неверојатната шареноликост на бразилскиот ритам, нивниот звук опфаќа еклектичен микс на стилови присутни во богатото музичко наследство на земјата. Од заразниот бит на самбата и фанк грувот, преку пулсирачката енергија на разиграното forró, па сè до комплексните мелодии на традиционалното choro, „Bixiga 70“ умешно ги вткајува овие елементи во својот звук, создавајќи уникатно и моќно музичко искуство, информира Скопскиот џез фестивал. мд/дма/

Фото: Скопски џез фестивал 

Остани поврзан