Трифонов: ИТН ќе подржи експертска влада во Бугарија
- Ќе поддржиме експертска влада, бидејќи ако сега нема редовна влада, за три месеци проблемите ќе бидат многукратно поголеми, а политичарите кои сега одбиваат да ги решат овие проблеми, за три месеци повторно ќе застанат во изборна кампања и ќе бараат да ги избереме, рече Трифонов.
Софија, 18 мај 2023 (МИА) – Лидерот на бугарската парламентарна партија „Има таков народ“, Слави Трифонов, во видео порака објавена на неговиот профил на Фејсбук денеска порача дека ИТН ќе поддржи експертска влада во земјата, јави БТА.
-Ќе поддржиме експертска влада, бидејќи ако сега нема редовна влада, за три месеци проблемите ќе бидат многукратно поголеми, а политичарите кои сега одбиваат да ги решат овие проблеми, за три месеци повторно ќе застанат во изборна кампања и ќе бараат да ги избереме, рече Трифонов.
„ИТН е во 49-от парламент да работи, да не се пазари, тесно да не следи партиски интереси, да не се интересира за пратенички плати и пратенички ќофтиња“, рече Трифонов.
-ИТН ќе направи се парламентот да функционира, а за тој да функционира мора да има влада. А владата за да ја заврши потребната работа мора да биде стручна, од луѓе кои ги разбираат работите, додаде Трифонов.
Лидерот на ИТН додаде дека знае дека таков кабинет можеби нема да добие поддршка, но дека тој и неговите колеги ќе бидат смирени бидејќи ќе го направат тоа што е правилно, затоа што така треба, бидејќи така функционира државата.
Според него, земја без влада е како „авион без гориво“.
-Еве што ќе се случи - на 10 јуни престанува да функционира актуелниот буџет. Нема буџет, а ако нема буџет, нема да има пари за наставници, за лекари, за полицајци, за пензии, за државата како држава. Таа ќе престане да функционира, додаде Трифонов, за кого ситуацијата во Бугарија во моментов е „тажна“ и „одвратна“.
„Погледнете што се случува - заменикот јавен обвинител се плаши дека јавниот обвинител ќе го убие. Како да не се работи за нашата татковина, туку за нарко-картелите во Мексико. Парламентот е полн со луѓе кои всушност не треба да бидат во парламентот“, изјави Слави Трифонов во својата видео објава на Фејсбук. сд/