• понеделник, 23 декември 2024

Триесет и седмото издание на Штипското културно лето почнува на 6 јули

Триесет и седмото издание на Штипското културно лето почнува на 6 јули

Штип, 4 јули 2022 (МИА) - Со концерт на хорот „Света Злата Мегленска“ свечено ќе биде отворена најстарата културна манифестација Штипско културно лето. Свеченото отварање е на 6 јули (среда) во дворот на црквата „Успение на пресвета Богородица“ во најстарата штипска населба Ново Село.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес конференција најави дека еден час по концертот на „Света Злата Мегленска“ ќе биде реализиран и концерт на „ФИЦ Студени нозе“ во летната бавча на Општинската установа за култура „Дом на млади“.

-Штипското културно лето отсекогаш имало интернационален карактер. Оваа година ни гостуваат уметници од САД. И годинава го поддржуваме музичкиот хепенинг на туристичкиот локалитет Вртешка, во организација на Планинарското друштво „Лисец“ преку концертот на „Некст тајм, а манифестацијата ќе трае два дена, вклучувајќи повеќе настани, вели Јорданов.

Посочи дека за љубителите на операта и сериозната музика е летниот концерт на триото Давид Миладинов, Илија Белистојаноски и Марина Јаневска, кој ќе се одржи во Домот на млади по кој следува уште едно музичко задоволство со концертот на гитара на Александар Бошков.

-Ликовната уметност е застапена со изложбата  „Бессони ноќи“ на Сара Петров во ОМЦ „Киро Глигоров“. На 20 јули ќе биде  промовирана и монографијата посветена на култната музичка група Мизар „Мизар-Откровенија 1981-2021“, а летото ќе се затвори со презентација на краткометражни етнолошки филмови  во организација на Завод и Музеј Штип, вели Јорданов.

Општината од својот буџет за реализација на целокупната манифестација предвиде 500.000 денари. Штипско културно лето традиционално се реализира во летниот период и тоа јуни и јули. Досега на оваа најстара манифестација од културата учество зеле над 1.500 уметници. Низ годините на Штипско културно лето поминаа многу познати музички имиња, Културно уметнички друштва, виртуози на инструменти, хорови и групи од Балканот, реализирани се над 70 ликовни изложби, над 200 промоции на книги, проекции на филмови, како и повеќе други мултимедијални програми. Општина Штип 16 години е целосен покровител и организатор на оваа најстара манифестација од културата. вдј/рп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан