Тридневна национална жалост во Грција за смртта на Теодоракис
- Со одлука на грчката Влада, од денеска во Грција е прогласена тридневна национална жалост за смртта на композиторот Микис Теодоракис, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 2 септември 2021 (МИА) – Со одлука на грчката Влада, од денеска во Грција е прогласена тридневна национална жалост за смртта на композиторот Микис Теодоракис, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната владина седница, истакнувајќи дека „Микис е нашата историја и треба да ја продолжиме, како што ќе сакаше и тој“.
- Како што знаете, имав чест да го познавам многу години, а неодамна дури и го посетив. Неговите совети секогаш беа драгоцени за мене, особено оние што се однесуваа на единството на нашиот народ и на надминувањето на линиите на поделба. Верувам дека најдобра чест за овој светски Грк е ние, со нашите дела, да ја спроведеме во пракса оваа негова порака, рече Мицотакис.
Тридневната национала жалост во Грција предвидува знамињата да бидат на половина копје, а може да бидат затворени и дел од јавните служби.
Последен пат, тридневна жалост во земјата беше прогласена во јули 2018 година по катастрофалните пожари во близина на Атина.
Грчкиот композитор Микис Теодоракис почина утрово од срцев удар на 96-годишна возраст. ср/ми/