Трибенкс ќе засадат 7 000 дрвца на локации во Ајватовци, Скопско и во беровското село Будинарци
- Здружение за заштита и обнова на животната средина Трибенкс во рамки на својата хуманитарна и општествено одговорна работа ќе засадат 7 000 дрвца на две локации низ Северна Македонија. Утре ќ
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Здружение за заштита и обнова на животната средина Трибенкс во рамки на својата хуманитарна и општествено одговорна работа ќе засадат 7 000 дрвца на две локации низ Северна Македонија. Утре ќе се оддржи акција за садење дрвја во атарот на село Ајватовци во Општина Илинден, Скопје, ќе започне во 10:00 часот и ќе трае додека не се засадат сите планирани 2000 дрвја или до крајот на работниот ден.
На 26 и 27 ноември акцијата ќе се префрли во Општина Берово каде треба да се засадат 5000 дрвца, на површина од два хектара. Дрвцата ќе се засадат на терен зафатен од пожарите во 2020 година. Акцијата за садење ќе започне во 10:00 часот, и ќе се случи над с. Будинарци, Општина Берово.
Средствата за садење дрвца се обезбедени преку донации од EcoAsist Romania, Бреон ДООЕЛ Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ Скопје и сопствени средства на Трибенкс добиени преку резервации на патувања преку филијаните линкови на Трибенкс. Садењето е организирано во координација со локалните самоуправи и ЈП Национални Шуми.
Трибенкс досега, имаат засадено 15 000 дрвца на повеќе локации низ државата. Здружението на граѓани работи од 2019 година, а средствата за садење дрвца ги обезбедува преку филијални партнерства.
-Едноставно, вие го резервирате вашето патување, а Трибенкс садат дрво за вас без пари. Резултати од минатогодишното садење во Радовиш не мотивираат да продолжиме со нашата работа. Локациите на кои садиме годинава се врз база на пројавениот интерес на локалното население кое стапи во контакт со Трибенкс. Отворени сме за соработка. Доколку имате желба да си засадите дрвце и ни помогнете во нашата работа контактирајте го Трибенкс и регистрирајте за волонтирање, изјави Михаил Стевчев, претседател на Здружението кое повика за приклучување на граѓаните кон нивните хуманитарни активности. вг/