• сабота, 23 ноември 2024

Трет случај на заболен од западнонилска треска во земјава

Трет случај на заболен од западнонилска треска во земјава

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Институтот за јавно здравје регистрира трет случај на заразен со вирусот на западнонилска треска во земјава. Станува збор за 60-годишна жена од Тетово, која, како што велат од ИЈЗ, негирала дека била на патувања надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Таа забележала каснувања од комарци во периодот до 15 дена пред почетокот на симптомите. Од Институтот велат дека пријавата била доставена на ден 22 август.

Во соопштението од ИЈЗ се наведува дека првичните симптоми кај пациентката почнале на 13 август и таа имала малаксаност и општа слабост. Со овие симптоми пациентката се јавила на матичен лекар каде што и била дадена терапија. Два дена подоцна кај пациентката се појавила конфузност и дезориентираност и била препратена во Клиничката болница во Тетово каде што била забележана покачена температура и треска по што и била дадена соодветна терапија.

-Пациентката на 19 август, поради се уште истата состојба, со сомнение за менингитис, била испратена на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Таму биле земени примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители, а со испитувањата било потврдено заболувањето западнонилска треска, велат од ИЈЗ и додаваат дека пациентката е се уште хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје.

Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ИЈЗ биле добиени од пациентот, инфектолог и медицинската документација.

-Пациентката негира патувања надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Забележала каснувања од комарци во периодот до 15 дена пред почетокот на симптомите. Нема други лица од семејството со слични симптоми, се вели во соопштението од ИЈЗ.

Оттаму додаваат и дека во регионот на Тетово е забележано присуство на комарци, а согласно информацијата од надлежниот епидемиолог во тек е тендерска постапка, односно досега не се спроведени активности за дезинсекција.

Од ИЈЗ велат дека оваа болест во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.

-Вектор преносливите заболувања стануваат се поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести. Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Р. С. Македонија (лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија и др.), а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата, се вели во соопштението. 

Имајќи го во предвид претходно наведеното, од ИЈЗ велат дека постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на земхава. Постои среден ризик за населението во пролетно-летниот период, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции. сст/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан