• сабота, 21 декември 2024

Трет меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ од 22- 24 ноември во Белград

Трет меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ од 22- 24 ноември во Белград

Белград, 19 ноември 2024 (МИА)- Српската Влада соопшти дека Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи од 22 до 24 ноември 2024 година на Белградскиот саем, јави дописникот на МИА од Белград.

-За време на тридневниот саем Винска визија, Белград ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија, Швајцарија, Тунис, Уганда, Обединетото Кралство и други. На овој начин Белград ќе биде во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното и гастрономијата, се наведува во сооопштението на Владата.

Овогодинешното издание на „Винската визија на Отворен Балкан“ носи во Белград бројни големи имиња од светот на виното, меѓу кои ќе има дури седум носители на титулата „Господар на виното“ (MW), најпрестижна титула во винскиот свет.

Меѓу нив е и познатиот Rod Smith MW, претседател на Master of Wine Institute во Лондон. Неговите колеги Caroline Gilby MW, Pasi Ketolainen MW, Christopher Burr MW, Elizabeth Gabey MW, Alison Fleming MW и Ivan Barbić MW ќе учествуваат во работата на Меѓународното жири кое ќе ги оценува балканските вина на натпреварот „Open Balkan Wine Trophy“, кој до денес порасна во една од најзначајните во Југоисточна Европа. Во рамките на третото издание на овој натпревар, 25 реномирани вински судии на чело со познатата Caroline Gilby MW ќе оценат повеќе од 900 вина од Србија, Северна Македонија и Албанија, а најдобрите меѓу нив ќе се закитат со пехари и медали.

Домашни и странски експерти за вино ќе одржат и серија атрактивни професионални предавања, работилници и водени дегустации, меѓу кои особено атрактивни се оние посветени на вина од автохтони сорти. На предавањата ќе се зборува и за тероарите на Србија и на Балканот, маркетинг стратегиите во винскиот бизнис, создавање совршена винска листа, а ќе има и простор за приказни за големите вина и познатите региони во светот - од Франција и Италија, сè до Калифорнија.

Истовремено, од 22 до 24 ноември, придружниот настан „Визија за храната на Отворен Балкан“ ќе ги собере лидерите на прехранбената индустрија и кулинарската уметност, меѓу кои и некои од најистакнатите имиња во кулинарскиот свет: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на светската асоцијација мајстор готвач Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.

За време на саемот, посетителите ќе можат да присуствуваат на натпревари на млади готвачи и тимови за готвење, како и бројни работилници и предавања. Едукативната програма на настанот изобилува со мастер клас сесии и мотивациони предавања, кои ќе ги водат најпрепознатливите експерти од светот на гастрономијата, како Алесандо Негрини - готвач со една Мишелин ѕвезда, Чезаре Батисти - готвач на ресторанот Ратана од Милано, Андреа Биаџини - долгогодишен партнер на Мишелин водичот, Иван Пажанин - најпознатиот хрватски готвач и ТВ-лице, како и многу други.

Покрај тоа, посетителите ќе имаат можност да уживаат во Гастро театарот - презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Северна Македонија и Албанија, каде ќе се подготви сет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.

Создадена е и посебна дигитална платформа за закажување B2B состаноци, а досега своето учество го потврдија дистрибутери и професионални купувачи од повеќе од 48 земји, што го истакнува исклучителниот меѓународен карактер на саемот, како и извозниот потенцијал што го има Србија.

-Како и изминатите години, централното место во хала 3 ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворениот Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји, се наведува во соопштението на Владата.

Овогодинешниот фокус е на одржливоста, наследството и модерните вкусови, теми кои се во согласност со динамичната гастрономска сцена во Србија и визијата за соработка и размена на саемот „Винска Визија на Отворен Балкан“. об/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан