• вторник, 24 декември 2024

Трет ден комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Трет ден комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи третиот ден од расправата за Предлог-буџетот за 2025 година.

Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.

На вчерашната расправа, пратениците од опозицијата истакнаа со Предлог-буџетот нема да има подобар животен стандард на граѓаните и економски развој на државата, а оние од власта оти е развоен и ќе ги подобрува условите за живот на граѓаните.

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска истакна дека Предлог-буџетот е нереален, ниту малку развоен туку трошковен, недомаќински, предизборен невизионерски, неинвентивен и буџет на, како што рече, нови долгови и нова изгубена година за економијата и граѓаните. Тренчевска нагласи дека нејзината партија нема да го гласаат ваквиот буџет, бидејќи, како што рече, истиот нема да донесе никаков економски раст, ниту подобар животен стандард на граѓаните.

-Буџет со кој што се предвидува нереален раст на БДП од 3,7 отсто наспроти на проекциите на Светска банка од 2,5 отсто, Народна банка 3,3 отсто. Зошто е нереален раст покажуваат и голем број на експерти економисти кои што дадоа оценка на предлог-буџетот и на проекциите на Владата. И очигледно што 2025-та година е година кога ќе се одржат локалните избори има влијание на една ваква проекција која со право ја сметаме за предизборна.  Имаме буџет која покажува дека фискалната политика нема компас. Македонија е единствена земја во регионот која не прави во 2024 година и не планира во 2025 година фискална консолидација. Имаме буџет со кој се повеќе се зголемува јавниот долг. Имаме буџет кој единствено ги задоволува потребите на 24 министри и нивните кабинети, меѓутоа не и на граѓаните, рече таа. 

Тренчевска потенцира дека Владата со овој Предлог-буџет најмногу крати кај социјално ранливата категорија граѓани.

-Крати кај социјалните услуги, кај трансферот на националните сојузи на инвалидските организации, кај лицата со попреченост и кај услугите кои се насочени кон нив. Крати кај сите граѓани а најчесто граѓанки кои се вклучени како негувателки кај давателите на социјалните услуги. Владата крати кај активностите насочени кон борба со насилството врз жените и семејното насилство. Во буџетот нема пари за зголемување на минималната плата. Нема пари за спроведување на обврските од Општиот колективен договор за јавниот сектор. Нема слух за синдикатите. Нема слух за работниците. Нема намера да се реализира новата Методологија за пресметка на платите во јавниот сектор од март 2025 година, рече таа. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во реплика ја обвини Тренчевска дека лаже и оти во Предлог-буџетот има 10 милијарди денари повеќе за плати.

-Срамота е да лажете, кога во буџетот има 10 милијарди денари повеќе за плати. Има пари ари за минимална плата. И престанете, ве молам, мене ми е незгодно кога вака дрско лажете без да имате никакво минимално ниво на култура. Нема да гласате за повисоки пензии од 2.500 денари. Знаете кои беа тие пензионери? Тие кои што вие ги бркавте на клоци од Министерството и им делевте епитети. Не е точно дека синдикатите не се задоволни. Незадоволни беа кога ги склучувавте општите колективни договори кога ги бркавте на клоци од Владата. За тезата за локалните избори. Ако ние сме сакале со тие средства да добиеме предност пред локалните избори, епа тогаш ви даваме предност и во Струмица, во Валандово, во Пробиштип и секаде каде што има ваши градоначалници. И во Крушево и во Валандово гледавме дека луѓето ги користат средствата и јас тоа го поздравувам. Значи, таа теза не ви е во ред, рече Стојаноски.

Тренчевска во контрареплика на Стојановски нагласи дека ако таа лаже, тогаш лаже Владата со овој буџет што го има доставено до пратениците.фф/цр

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан