• петок, 27 декември 2024

Трета фаза од конзервацијата на иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“

Трета фаза од конзервацијата на иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“

Прилеп, 26 ноември 2023 (МИА) - Стручњаците од прилепскиот Завод и музеј ја заокружуваат третата фаза од конзервацијата и заштитата на монументалниот Иконостас во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп. Иконостасот кој е трет по вредност, по оној во Бигорски и во скопската црква „Свети Спас“, а најголем со димензии 17 на 6 метри, се заштитува внимателно, заедно со иконите на него. В година процесот треба да се заокружи со зајакнување на статиката на ова вредно културно наследство. Годинава се реставрира јужниот дел.

-Се врши суво и полувлажно чистење на иконостасот, а потоа и инјектирање кај црвојадните отвори и пукнатини, консолидација на дрвната маса од предната страна на иконостасот. Паралелно се врши и конзервација на вградените икони кои не се довршени на јужната страна. Оваа година од задната страна на конструкцијата на Иконостасот е започнато отстранувањето на маслена боја која била нанесена во миантото за да се стигне до автентичната површина, до дрвото, објаснува Оливера Макриевска, конзерватор, раководител на проектот за заштита на Иконостасот.

В година процесот ќе се заокружи со статиката, многу битна за ова вредно дело на мијачките мајстори да се зачува 100-тина па и повеќе години.

-Првите две години ги третиравме северниот и средниот дел на иконостасот и еве третата година го завршуваме јужниот дел. Паралелно оди санацијата на дрвениот дел и паралелно се одвива санацијата на иконите кои го збогатуваат овој Иконостас. Мислам дека в година ќе работиме на статиката и дека ќе ги задоволиме потребите овој Иконостас, овој споменик на културата да го заштитиме како едно значајно културно наследство, вели Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј од Прилеп.

Иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“ го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски – Гарката. ем/мч/

фото: МИА

Остани поврзан