• вторник, 19 ноември 2024

Трета кампања на Фондацијата „Чекор по чекор“ за подигање на свесноста на општините за подобрување на образованието за децата со попреченост

Трета кампања на Фондацијата „Чекор по чекор“ за подигање на свесноста на општините за подобрување на образованието за децата со попреченост

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ја започна третата кампања на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“, како дел од активностите за подигање на јавната свест за пошироко информирање за потребите коишто се поставуваат пред училиштата и семејствата во однос на инклузијата на децата со попреченост, како и за подигање на свесноста на општините за нивната одговорност за подобрување на квалитетот на образование за сите деца.

Раководителот на проектот, Елена Мишиќ во изјава за МИА рече дека главна цел на проектот е обезбедување на месечни стипендии за деца со попреченост во почетните одделенија и информираше дека ова е третата година на спроведување, односно на доделување на стипендии.

- Покрај тоа, проектот се обидува да ги подобри условите за образование на децата со попреченост и во нивните домови преку обезбедување на туторска поддршка за совладување на материјалот, но и поддршка на училиштата каде што се образуваат овие деца, изјави Мишиќ.

Фото: МИА

Таа додаде дека ова е првиот од серијата планирани настани, најавувајќи дека по сите плански региони ќе се одржи по еден настан, каде што ќе се обидат да ги соберат претставниците на општините и на училиштата со кои соработуваат со цел споделување на искуства, предизвици и добри практики коишто можат да послужат понатаму како еден национален одговор на големиот предизвик со којшто се соочуваат сите земји од светот во однос на, како што рече, се поголемиот број на деца со попреченост, кои се образуваат во редовните училишта.

- Во практиката се соочуваме со предизвици, меѓутоа за среќа се соочуваме и со голема мотивација од страна на сите наставници, стручни служби и раководители на училишта и ресурсните центри за изнаоѓање на локално прифатливи решенија. Тоа е затоа што не можеме да прифатиме се што се случува во светот, ние мораме да градиме свој автохтон македонски модел, тоа и го правиме, а и нашиот модел го гледаме како еден дел на сите тие сеопфатни напори за подобрување на образованието за сите деца, истакна Мишиќ.

Проектот е финансиран од Европската Унија, како тригодишна програма којшто има за цел да ги поддржи иницијативите за градење на инклузивно образование. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, а во партнерство со невладините организации „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово. сх/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан