Тренчевска: Работиме на зголемување на обемот и достапноста на социјалните услуги
- Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска зборувајќи за измените во Законот за работни односи и правата и услугите на лицата со попреченост рече дека со измената на Законот
Скопје, 4 август 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска зборувајќи за измените во Законот за работни односи и правата и услугите на лицата со попреченост рече дека со измената на Законот за работни односи кој што во моментот е во собраниска процедура опфатени се и занаетчиите како целна група на која што ќе им се дозволи работа во недела.
Министерката на почетокот интервју за Ал Џезира ја истакна интензивната комуникација со Комората на занаетчии која има за цел излегување во пресрет на нивните барања. Таа дополни дека измените на законот ќе се однесуваат на сите занаетчии, а не само на оние во туристичките места.
-Согласно програмата за работа на Влада за 2022 година предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15 отсто за деца со попреченост до 26 години. Со измените направени во Законот за детска заштита е предвидено зголемувањето на посебниот додаток, кој што моментално е во собраниска процедура. Исто така, направивме и измени на Законот за социјална заштита каде што е предвидено намалување на возрасната граница за родителите со траен надоместок кој што имаат дете со попреченост и до 26 годишна возраст се грижеле за него, односно не го сместиле во институција, границата им се намалува од 62 на 60 годишна возраст за жени и од 64 на 62 за мажи, изјави министерката.
Таа истакна и дека со предвидените измени на Законот за социјална заштита е направена промена на критериумите за личната асистенција каде ќе бидат вклучени и потполно слепите лица како и лицата со комбинирани пречки.
-Покрај правата од социјална заштита кои што се пасивни мерки за лицата со попреченост, многу е важно да работиме на развивање на услуги кои ќе бидат достапни за граѓаните и зголемување на нивниот обем, додаде Тренчевска.
Таа рече дека порастот на минималната плата не треба да го врзуваме со правата за социјална заштита. Тренчевска ја потенцира и соработката со општините со цел подобрување на социјалните услуги на локално ниво. Исто така истакна дека пасивните мерки се важни но, поважно е обезбедувањето на достапност и поголемиот обем на услуги затоа што тоа директно го менува квалитетот на живот на лицата со попреченост. сст/ац/