• среда, 25 декември 2024

Тренчевска: Продолжуваме до целосна родова еднаквост во општеството

Тренчевска: Продолжуваме до целосна родова еднаквост во општеството

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Во знакот на 8 март, Министерството за труд и социјална политика организираше дружење со пензионерките во Клубот на пратеници.

По тој повод, како што информираат од МТСП, министерката Јованка Тренчевска честитајќи им го празникот на жената се заблагодари на сите заложби кои овие жени – херои на ова време, ги направиле во годините наназад, но и неуморно продолжуваат со своите активности, помагајќи им на другите.

- Нема поубаво одбележување на Денот на жената - 8 ми март од тоа да го посветите на жените кои го граделе нашето општество и благодарение на нив денес ние ги уживаме придобивките од нивниот труд. Токму вие сте нашите херои, затоа што го трасиравте патот по кој денес чекори современата жена. Вие бевте тие кои се изборивте за правото на жените да го употребат својот потенцијал. Вие покажавте дека, жената не постои само за да ја гледа куќата и децата, туку дека таа може многу повеќе, таа може и сака да се образува, да има и професија, да заработува и придонесува за семејството, а истовремено и да ги извршува и домашните обврски и се грижи за правилен раст и развој на децата. Покажавте дека, жената може подеднакво да работи професии како и  мажот на работни позиции кои претходно се сметаа само машки. Покажавте дека, жената треба да се почитува и нејзиниот труд да се вреднува. Покажавте дека жената е силна и храбро знае да се соочува со предизвиците кои излегуваат на патот кон нејзиниот успех, рече Тренчевска.

Таа порача дека она на кое треба да продолжиме да работиме и продолжиме по истиот пат.

-Да ги воспитуваме нашите деца, внуци, ученици и млади дека родовата димензија е клучна за изградба на општество со еднакви можности и еднакви шанси за сите, без разлика на полот, со акцент на способностите и вештините кои личноста ги поседува. Да ги негуваме вистинските вредности, хуманоста, разбирањето, соживотот, љубезноста. Да потсетиме дека семејството и блиските се најважни, дека вистинската среќа доаѓа одвнатре, потенцираше Тренчевска.

Таа им порача на пензионерките дека како министерка за труд и социјална политика, ќе продолжи да се бори за унапредување на квалитетот на живот на сите пензионери.

Претседателката на Сојузот на пензионери на Македонија, Станка Трајкова истакна дека е навистина голема чест и задоволство заедно да се одбележи овој ден со историски датум.

-Симболиката на 8март е всушност време и простор да се актуализираат потребите и  можностите на жените за еднакви права и можности. Да се заблагодариме на нашите претходнички и да порачаме дека ние жените сме со голем потенцијал, затоа што можеме да работиме многу работи истовремено, рече Трајкова.

Таа истакна дека од 53 здруженија на пензионери има само пет жени претседатели, нешто што треба да се смени и да се вклучат повеќе жени во раководните позиции на здруженијата.

Притоа сподели, повеќе силни пораки кои се однесуваат на жените, а ги напишале познати автори. Исто така, таа посочи дека жените пензионерки остана активни и во време на пандемија, се бореа помошта да стигне секаде каде е потребна соработувајќи со граѓанските организации и институциите.

-Не застануваме тука, продолжуваме и понатаму. Возвраќаме на градителите на нашата држава. Нека е честит 8 март – Денот на жената, со пораката од нашата кампања која ја спроведуваме овој месец „Гласна и храбра“ која ја подигнува свеста за значењето на менталното здравје и економско зајакнување на жената. Веќе одржавме работилници на оваа тема со нашите пензионерки во неколку места. Продолжуваме со работилниците, и продолжуваме со пораката до сите жени да бидат „Гласни и храбри“, порача Тренчевска.

Како што посочуваат од МТСП, настанот го надополнија личните искустава и приказни  раскажани од страна на присутните пензионерки. фф/сп/

Фото: МТСП

Остани поврзан