Тренчевска: Вработените во Меѓуопштинските центри за социјална работа до крајот на годината ќе добијат К-15
- До крајот на годината вработените во Меѓуопштинските центри за социјална работа ќе добијат регрес за годишен одмор во износ од 10 илјади денари, а од 2024 година, К-15 ќе биде најмалку 30 проценти од просечната плата, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Скопје, 26 јули 2023 (МИА) – До крајот на годината вработените во Меѓуопштинските центри за социјална работа ќе добијат регрес за годишен одмор во износ од 10 илјади денари, а од 2024 година, К-15 ќе биде најмалку 30 проценти од просечната плата, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На денешниот настан по повод промовирање на новите канцеларии на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, Тренчевска посочи дека огласите за вработување ќе бидат објавени наскоро штом ги добијат согласностите од Министерството за финансии, согласно годишниот план за вработување во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
- Ние како министерство уште во 2019 година, со реформите во социјалната заштита, постојано го зголемуваме бројот на вработените во центрите. Бројот е навистина зголемен и со тоа е олеснета работата на колегите во центрите, меѓутоа е подобрена и услугата што ја даваат за социјална работа, рече таа.
Во однос на прашањето за тоа што не беа усвоени Предлог-законите на лицата со попречености и дали се планирани некои мерки кои што ќе задоволат некои од барањата, таа образложи повеќе активности кои што изминатиот период беа спроведени од МТСП.
- Посебниот додаток за лицата со попреченост во ноември 2022 година го покачивме за 15 проценти. Со исплатата на јануарските права во системот на социјална и детска заштита, сите права беа усогласени согласно Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита, односно, секој примател на право од социјална и детска заштита доби зголемен надоместок за 14,2 проценти. Работиме на нови услуги. Во изминатите години воспоставивме услуги кои што се токму наменети за лицата со попреченост. Без разлика дали се деца до 26 годишна возраст или лица со попреченост над 26 годишна возраст, рече министерката.
Таа ја спомена и услугата помош и нега во домот која беше аплицирана во 44 општини и напомена дека речиси во сите градови има отворено дневни центри за лица со попреченост.
- Воведовме и права за родителите кои што имаат деца со попреченост, односно траен надоместок за еден од родителите. Знам дека еден од родителите кој што има дете со попреченост најчесто е врзан дома и не оди на работа, токму да може да му понуди соодветна грижа на своето дете со попреченост. Од тие причини со реформата во 2019 го воведовме правото на траен надоместок на родител кој што се движел за своето дете до 26 годишна возраст и не го сместил во својот дом, рече таа.
Според неа, покрај материјалните надоместоци, најважни се услугите, затоа што, како што рече, тие многу придонесуваат кон интеграција во општеството. ар/ац/