• недела, 22 декември 2024

Тренчевска: Во фокусот на СДСМ се пензионерите, просечна пензија од 30.000 денари до 2028 година

Тренчевска: Во фокусот на СДСМ се пензионерите, просечна пензија од 30.000 денари до 2028 година

Скопје, 29 март 2024

Програмата на СДСМ е насочена кон граѓаните, граѓаните ни се во прв план, како и подобрување на квалитетот на живот, со просечна плата од 1.100 евра, минимална плата од 600 евра, минимална пензија од 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 до крајот на мандатот до 2028 година, истакна Претседателката на Форумот на жени на СДСМ и дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јована Тренчевска во гостувањето во вестите на Сител телевизија.


Тренчевска нагласи дека Програмата предвидува за 30% зголемени права од детска и социјална заштита, инклузивни игралишта и сензорни соби во секоја градинка, зголемување на младинскиот додаток од 3.000 на 5.000 денари, 200 евра за прво вработување на младите до 26 години.


„Фокусирани сме и на пензионерите, со пензионерска картичка со 30% попуст за прехранбени производи, 6.000 денари зимски регрес за секој пензионер, кој ќе се исплатува веќе од оваа година во декември пред новогодишните празници“, нагласи Тренчевска.


Тренчевска истакна дека методологијата за усогласување на пензиите, која е донесена во консултација со сојузот на здруженијата на пензионерите е добро решение кое дава видливи резултати и ја следи инфлацијата и порастот на просечната плата.


„Само за две години од март 2022 година до март 2024 година просечната пензија е зголемена за 30 проценти“, нагласи Тренчевска, додавајќи дека со покачувањето во април просечната пензија ќе се покачи на 21.400 денари, а минималната на скоро 14.000 денари.


Тренчевска додаде дека СДСМ во изминатиот период со низа мерки ги таргетираше пензионерите со ниски примања, а исплатата на финансиската поддршка од деветиот пакет антикризни мерки се уште е во тек.


„Зголемување на пензиите за 5.000 линеарно за секој пезнионер е популистичка мерка, која е неостварлива и ќе доведе до крах на пензискиот систем“, рече Тренчевска, коментирајќи ги најавите на опозицијата и нагласи дека според сите проекции тоа би довело до 52% зголемување на дефицитот на пензискиот фонд, што е неодржливо.


Тренчевска потсети дека дефицитот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 48% во 2017 година е намален на 32,5% во 2024 година.


„Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е стабилен, што овозможува навремена, редовна исплата на пензиите за сите 324.000 пензионери“, порача Претседателката на Форумот на жени на СДСМ и дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јована Тренчевска во гостувањето во вестите на Сител телевизија.

Центар за комуникации на СДСМ, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска

_______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Фејсбук на Јованка Тренчевска 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан