• понеделник, 23 декември 2024

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

Скопје, 10 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на Сојузот на синдикати на Макеоднија (ССМ), Слободан Трендафилов во изјава за медиумите нагласи дека на денешната контитутивна седница на Економско-социјалниот совет ги истакнале нивните главни очекувања и барања од новата Влада. Потенцира дека на седницата договориле зачестени средби на седниците на Економско-социјалниот совет на кои, како што рече, ќе ги дискутираат сите битни прашања.

Како што потенцира Трендафилов, на претставниците на Владата им пренеле дека работниците очекуваат пораст на платите со забрзано темпо. Додека, пак, на претставниците на работодавачите од приватниот сектор им укажале дека потпишувањето на Општиот колективен договор за приватниот сектор е неопходно да се случи што е можно побрзо зашто веќе е започнат дијалог. 

-Сметам дека тоа што го дискутиравме денеска на седницата на Економско-социјалниот совет би требало да даде резултати во многу скоро време, имајќи во предвид дека во подготовка е и буџетот за наредната година за што добивме уверување дека штом ги помине филтрите ќе седнеме на заедничка маса да го погледнеме и да ги видиме можностите на државата. Без оглед на тоа, социјалниот дијалог, седниците на Економско-социјалниот совет, треба да бидат местото каде што заеднички ќе ги градиме ставовите. Ние ќе ги кажеме нашите барања и очекувања, ќе ги видиме нивните можности и на крај ќе дојдеме до некакви решенија кои ќе значат добро за работниците, помош за работодавачите и на крајот просперитет на државата. Ние како претставници на работниците очекувавме оваа седница на Економско-социјалниот совет да се случи порано, меѓутоа сметам дека зачестените седници кои веќе ги најавија владините претставници ќе надоместат за времето кое ги загубивме и сметаме дека таа можност ќе ни овозможи нам да ги доближиме ставовите со Организацијата на работодавачи како единствено репрезентативно организација и претставник на работодавачите со Владата и ССМ како единствен репрезентативен синдикат во државата, рече Трендафилов.

Тој смета дека аргументите за растот на платите се на нивна страна, имајќи во предвид, како што рече, дека синдикалната минимална кошничка веќе е 1.000 евра и оти платите на граѓаните во државите во нашето опкружување растат со забрзано темпо. Смета дека со аргументите кои очекуваат да ги соочат на првата наредна седница ќе успеат да го постигнат тоа што сите страни го очекуваат.

Одговарајќи на новинарско прашање дали тоа значи дека има позитивни сигнали за некакво покачување на минималната плата пред законското усогласување во март, Трендафилов кажа дека очекува сериозно да се разгледуваат сите информации и да се преземаат мерки за да остане во земјава квалификуваниот работен кадар.

-Нашите очекувања се дека треба навистина да седнеме сериозно да ги разгледуваме сите информации кои ги имаме ние но ги има и државата и работодавачите. Свесни сме дека работниците со забрзано темпо се иселуваат и сите сме согласни дека многу ретко се враќаат. Треба да се потрудиме сите заедно преку растот на платите, преку подобрување на животниот стандард да направиме сериозен исчекор кој ќе овозможи останување на квалификуваниот работен кадар во Македонија, како и враќање на оние луѓе кои заминале од земјава, особено поради ниските плати, рече Трендафилов.фф/са/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан