• сабота, 09 ноември 2024

Трендафиловски: Работниците дадоа црвен картон на судот поради обидите за притисоците врз синдикатите

Трендафиловски: Работниците дадоа црвен картон на судот поради обидите за притисоците врз синдикатите

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Пред зградата на Работничкиот дом (ССМ) во Скопје денеска почна протестот на Сојузот на синдикати организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов порача дека работниците даваат црвен картон на судот, појаснувајќи дека тоа се должело на направени обиди за притисок врз синдикатите.

-Денеска ние работниците се собравме пред Работничкиот дом, домот кој сакаат да го конфискуваат од нас за да го уништат синдикалното движење. Работничкиот дом пред кој повеќе од 70 години ги започнувавме сите протести, сите штрајкови и денеска го започнуваме големиот работнички протест. Ние работниците дадовме црвен картон на судот заради тоа што направи обид да изврши притисок врз синдикатите да ги уништи, дозволи функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, пензионерите сме сите тука денеска за да покажеме дека колку повеќе не напаќаат посилни не прават и колку повеќе пробуваат да ги уништат синдикатите ние се повеќе сме силни, порача Трендафиловски.

Синдикатот на денешниот протест ќе потсети на барањата за пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор,за  минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Протестот продолжи пред Собранието на Република Северна Македонија и Стопанската комора и се очекува да заврши пред Владата.свс/дма/

Фото: Принтскрин

 

 

 

Остани поврзан