Трајчевски: Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање ќе биде донесено утре
- Изборната кампањата ќе почне вечер, но Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање на изборите во 2020 година ќе биде донесено утре. Ова вечерва го соопшти директорот на Агенцијат
Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) - Изборната кампањата ќе почне вечер, но Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање на изборите во 2020 година ќе биде донесено утре. Ова вечерва го соопшти директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) Зоран Трајчевски во дебатната емисија „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Прашан за Упатство за лимитите за платено политичко рекламирање на изборите во 2020 година што го подготвува АВМУ, Трајчевски рече дека од медиумите разбрале за Уредбата на Владата. - Прочитавме по медиумите што е донесено, меѓутоа без да го имаме текстот што ќе биде објавен во Службен весник не можеме да носиме Упатство. И во преамбулата на Упатството се третираат сите закони, односно измени на Изборниот законик, нормално и уредбите што ги носела Владата. Имавме закажано седница за денеска, во 21 часот, но бидејќи Уредбата излезе во Службен весник во 18:22 часот, седницата е презакажана за утре во 12 часот за да можат службите да го прилагодат Упатството на последната Уредба, а исто така да им биде доставено и на советниците да имаат барем неколку часа да го погледнат пред да го усвојат на седница. Кампањата ќе почне вечер, но упатството ќе биде донесено некаде утре на пладне, рече Трајчевски.
Директорот на АВМУ изјави дека генерално утре ќе бидат полиберални и евентуални мали или несакани прекршувања нема да ги казнуваат бидејќи, како што рече, во оваа ситуација ни најмалку не се виновни медиумите за ваквото несериозно однесување на Владата.
Трајчевски појасни зошто на БЕСА не и се дозволи да има право на платено политичко рекламирање. - Ниту Агенцијата и забранила на БЕСА, ниту директорот, ниту Советот. Тоа го оневозможува Изборниот законик, каде јасно пишува дека право на платено политичко рекламирање имаат само потврдените кандидати од ДИК. Ако ја отворите веб-страница на ДИК, потврдена кандидатска листа на БЕСА нема, туку има само кандидатска листа на коалицијата „Можеме“, рече Трајчевски, додавајќи дека последните денови имале силен политички притисок. Посочи дека сите одлуки што го донел Советот во однос на платено политичко рекламирање за изборите во 2019 и во 2020 година се донесени едногласно. Тоа, според него, укажува дека Советот и Агенцијата имаат ист став и не го менуваат.
Директорот на АВМУ соопшти дека во последните неколку изборни циклуси имало минорни прекршувања од медиумите. Нагласи дека кај медиумите има огромна свест дека треба да известуваат подеднакво за сите учесници во изборниот процес и да го почитуваат стопроцентно законот. мд/скс/