Трајковска: Верските лидери биле и ќе бидат клуч на верскиот соживот и толеранција во земјава
- Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Оливера Трајковска ја поздрави денешната средба на верските лидери и, како што се наведува, целосно ја поддржува оваа иницијатива и потпишувањето на актот за соживот.
Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Оливера Трајковска ја поздрави денешната средба на верските лидери и, како што се наведува, целосно ја поддржува оваа иницијатива и потпишувањето на актот за соживот.
- Верските лидери биле и ќе бидат клуч на верски соживот и толеранција во Македонија. Аналогно на тоа, секој еден верник кој ја практицира својата вера ќе ги следи патеките на своите водачи. Верата е основниот темел во обликувањето на нашите идентитети, нашите вредности и нашите заедници, истакнува Трајковска.
Таа, како што се наведува во соопштението, додала дека во време кога светот се соочува со глобални предизвици и кога се обидуваат да создадат поделби и бариери, потребно е да се најде заедничка нишка на разбирање и единство, заеднички јазик кој ќе употреби зборови на почит и ќе го спознае различниот од себе.
-Секој убав збор лекува, а секој убав дијалог води кон мир. Да негуваме дијалог кој води кон личен и глобален мир, истакнува директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи по повод средбата на верските лидери. сст/бак/
Фото: Комисија за односи со верските заедници