• петок, 22 ноември 2024

Трајановски: Експресниот пат Градско-Дреново ќе го скрати времето на патување и ќе го олесни протокот на сообраќај

Трајановски: Експресниот пат Градско-Дреново ќе го скрати времето на патување и ќе го олесни протокот на сообраќај

Скопје, 20 август 2024 (МИА) – Поголема динамика во изградбата и запазување на роковите побара директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски од изведувачите и надзорите при денешниот  увид во изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, првата фаза Градско-Фариш и втората фаза Фариш-Дреново, со цел подетално запознавање со текот на градбата.

Како што информираат од ЈПДП, од изведувачите и надзорите над градбата на експресниот пат Трајановски бил запознаен со моменталната состојба и со предизвиците пред кои се исправени за нивно надминување за запазување на предвидениот рок на изградба кој истекува кон крајот на годината.

-Директорот Трајановски од инженерите беше известен дека процентот на реализација на првата делница е 95, а на втората делница 85 отсто. Вкупната должина, пак, на експресниот пат е 26 километри. На првата делница Градско-Дреново, изведувач на работите е Штрабаг, а надзор е ЕГИС, а на втората делница Дреново–Фариш, изведувач на работите е СИНОХИДРО и надзор се ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ, прецизираат од ЈПДП.

Во моментов, како што посочуваат, првата делница е речиси готова, потребно е уште да се постави заштитна одбојна ограда, како и санација на една косина. На втората делница веќе се целосно пробиени двете цевки на тунелот, изведени се бетонските работи на тунелот, се санираат косините, се врши асфалтирање, а се гради и еден кружен тек на постојниот пат (кај клучка Дреново), како и изведба на други тековни градежни работи согласно со Проектната документација.

-Коридорот 10д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6.000 возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола, велат од ЈПДП.вј/са/

Фото: ЈПДП

Остани поврзан