• недела, 19 мај 2024

Транспаренси Интернешнл-Македонија: Барометар на корупција за март 2024 година

Транспаренси Интернешнл-Македонија: Барометар на корупција за март 2024 година

Скопје, 2 април 2024 

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

„МАТНИ“ НАСТАНИ ЗА МАРТ 2024 ГОДИНА

1. САД ги ставија Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на црна листа за корупција - Американскиот Стејт Департмент ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на претстојните избори Стевчо Јакимовски. По повод означувањето, од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

2. Злоупотреби: ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра - Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара да се вратат 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот од 2016 до 2018 година. Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, на 30 ноември 2023 година испратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а во текот на март одлуката станала конечна. Предметот е кај Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка која се води, не може да соопшти повеќе детали.

3. „ГРЕКО“ со критика за неказнивоста на обвинителите и потеклото на имот на пратениците, судиите - Влијанието на политиката врз судството, неказнивоста на обвинителите и одврзани раце на

Антикорупциска за длабоко да копа во имотите на судиите, обвинителите и пратениците, ова се забелешките за Македонија во најновиот извештај на ГРЕКО, групата држави што се бори за спречување на корупција во Советот на Европа. ГРЕКО забележува дека Македонија досега сè уште не ја имплементирала препораката за зајакнување на независноста на судството од политичко влијание, но и укинувањето на членството на министерот за правда во Судскиот совет по службена должност.

4. Низа недоследности од страна на МОН утврди Државниот ревизор во извештајот за условите во студентските домови и за студентскиот стандард - Државниот ревизор во извештајот за условите во студентските домови и студентскиот стандард утврдиле низа недоследности од страна на МОН. Со извештајот опфатен е периодот од 2019-2022 година, а забелешките главно се однесуваат на лошиот стандард на студентите, намалениот број на студенти, како и слабости при доделувањето на студентските стипендии. Извештај на Државниот завод за ревизија за Јавно претпријатие за државни патишта - Државниот завод за ревизија - Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

5. Народниот правобранител предупредува, законот предвидува, но за извршителите не постои застареност на долг - Извршителите одбиваат да ги применат измените на Законот за облигациски односи и извршување во делот на застарување на долгот и им наплаќаат на граѓаните и во случаи кои измените предвидуваат тоа да не се прави односно ако во рок од 5 години по правосилноста на извршната исправа не се поднесе предлог до извршителот за извршување или ако има барање за извршување, а во рок од 10 години не биде извршено, соопшти Народниот правобранител Насер Зибери. Министерството за правда не реагира на укажувањата на правобранителот, а судовите во голем дел судат во корист на извршителите откако граѓаните должници ќе поведат постапка.

6. Не се решаваат случаи на денационализација - Повеќе од 4,000 предмети чекаат во фиока со години наназад, а последната година бројот на поплаки е огромен, обвинува дополнителната заменик министер за финансии Петрова. Зошто Комисиите не работат и колку предмети се решени, не добила одговор од министерот за финансии. Се сомнева дека неисплатениот хонорар од јануари лани, или цела година и 2 месеци, е една од причините, но и неадекватното обрзование на лицата кои се ставени да одлучуваат во овие комисии. Сега институцијата се соочува со тужби од нив и плаќање високи трошоци и камати.

 

7. Тендери без конкуренција и бројни сомнежи за корупција - како се трошат народните пари?! - Нетранспарентни постапки, отсуство на конкуренција и бројни сомнежи за неконтролирана корупција. Анализите на спроведените постапки за јавни набавки покажуваат дека секој трет тендер во периодот од јануари до јуни минатата година, е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Овие

податоци се дел од најновиот Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки, на Центарот за граѓански комуникации. Оттаму нотираат дека договори во вкупна вредност од 283 милиони евра, се склучени во постапка во која учествувала само една фирма.

8. Властите да не ги кријат од УНЕСКО дивоградбите во националниот парк „Галичица“ и во охридскиот регион, бара невладиниот сектор - Граѓанските организации од охридско-струшкиот регион се жалат на нетранспарентност на македонските институции и дека се недоволно вклучени во доставување на извештаите за состојбата со заштитата на охридскиот регион, кои се испраќаат до Центарот за светско наследство на УНЕСКО како одговор на забелешките на реактивните мисии кои го посетуваат овој регион. Велат дека треба да бидат активно вклучени за да се споделат реалните факти кои одговараат на состојбите на теренот. Ндерим Положани од невладината „Капс Струга“, вели дека државата нема комуникација со невладиниот сектор, иако тоа е според препораките на УНЕСКО.

„БИСТРИ“ НАСТАНИ ЗА МАРТ 2024 ГОДИНА

1. Kривична пријава против 26 лица за злоупотреби со испорака на нафта за греење на установи во Штип - СВР Штип до ОЈО Штип, поднесе кривична пријава против 26 лица за „Злоупотреба на службена положба и овластување“; „Фалсификување на исправа“ и „Несовесно работење“ така што во периодот од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу мала количина на нафта за греење од количината којашто ја фактурирале и наплатувале од градинки, основни и средни училишта под надлежност на Општина Штип со што на Буџетот на Општина Штип била предизвикана штета во износ од 18.403.386 денари.

2. Поднесено ново обвинение против Рамиз Мерко, незаконски именувал в.д. директор на училиште - Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинение против градоначалникот Рамиз Мерко. Како што соопштија од Јавното обвинителство, Мерко е обвинет дека пред две години незаконски именувал в.д. директор на основно училиште во селото Лабуништа. Според Обвинителството, против Mерко е поднесен обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, за кривичното дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

3. Склучувал незаконски договори и им платил повеќе од милион денари: Поранешен директор на Пензискиот фонд доби кривична пријава поради корупција - Единицата за корупција во Бирото за јавна безбедност поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Пензискиот фонд на Македонија Д.Б.(45) до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, соопштија од МВР.

4. Кривична за вработен во „Национални шуми“: фалсификувал службена исправа - СВР Скопје - Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Ц.Ѓ.(63) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Фалсификување службена исправа” по член 361 од Кривичниот законик. Пријавениот, вработен како референт за превоз во Јавното претпријатие „Национални Шуми“ – Подрачно шумско стопанство Караџица – Скопје, на 03.07.2023 издал испратница за натоварено огревно дрво во товарно возило „там“ со скопски регистарски ознаки за количина од четири кубни метри.

5. Му оставил на полицаец на Блаце мито од 50 евра на биро, овој го уапсил - Поткуп, апсење и носење директно пред обвинител, кој сега бара притвор за подмитувачот, се случило на граничниот премин Блаце, кога сопственик на превозна компанија му оставил на маса банкнота од 50 евра на полицаец. Откако претходно возач на автобус со косовски национални ознаки бил одбиен за влез во Македонија бидејќи немал соодветен сертификат за професионален возач на автобус, осомничениот дошол на граничниот премин, се претставил како сопственик на превозната компанија и побарал да разговара со сменоводителот, за да го пушти.

Транспаренси Интернешнл-Македонија 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Транспаренси Интернешнл-Македонија 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан