Трамп утре ќе се сретне со семејствата на заложниците пред говорот во Кнесетот
- Американскиот претседател Доналд Трамп утре изутрина ќе се сретне со роднини на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас, по што ќе одржи говор во Кнесетот.
Вашингтон, 12 октомври 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп утре изутрина ќе се сретне со роднини на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас, по што ќе одржи говор во Кнесетот.
Белата куќа соопшти дека Трамп ќе отпатува во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик подоцна утре на „мировна церемонија за Блискиот Исток“ по повод договорот што го посредуваше меѓу Израел и Хамас.
Според распоредот на Белата куќа, „Ер форс уан“ треба да тргне од Вашингтон денеска попладне и да слета во израелскиот крајбрежен град Тел Авив утре во 9:20 часот по локално време.
Потоа се очекува Трамп да одржи говор во Кнесетот, израелскиот парламент, во 11 часот, по средбата со семејствата на заложниците во рамките на Кнесетот.
Во 13 часот американскиот претседател ќе отпатува за Египет, со пристигнување во Шарм ел-Шеик во 13:45 часот. Мировната церемонија е планирана да почне во 14:30 часот, според распоредот.
Се очекува Трамп да замине подоцна истиот ден и да се врати во Вашингтон. јт/
Фото: ЕПА