Трамп: Републиканците се блиску до договор за прекин на делумното затворање на владата
- Републиканските лидери во Конгресот на Соединетите Американски Држави се блиску до договор за прекин на делумното затворање на владата, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
Вашингтон, 3 февруари 2026 (МИА) - Републиканските лидери во Конгресот на Соединетите Американски Држави се блиску до договор за прекин на делумното затворање на владата, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп им рече на новинарите дека разговарал со претседателот на Претставничкиот дом, Мајкл Џонсон, и лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, велејќи дека се „прилично блиску до решение“.
Делумното затворање на владата стапи на сила во 00:01 часот по источно време, но се очекува да биде краткотрајно бидејќи пратениците од двете партии работат на постигнување договор.
Финансирањето на Министерството за внатрешна безбедност е во центарот на спорот, бидејќи демократите бараат реформи во начинот на кој агенциите за имиграција, како што се Службата за имиграција и царина (ICE), ги спроведуваат своите активности, објави Си-Би-Ес Њуз.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, изјави дека демократите нема да ги обезбедат гласовите за брзо усвојување, што значи дека републиканците во голема мера ќе мора сами да обезбедат поддршка.
Освен Министерството за внатрешна безбедност, финансирање нема и за неколку други федерални министерства, вклучувајќи ги министерствата за одбрана, држава, труд, здравство, образование, транспорт, домување и урбан развој и финансии. мс/јт/
фото: ЕПА