• понеделник, 18 ноември 2024

Трамп порачува дека кривично ќе го гони претседателот Бајден доколку се врати во Белата куќа

Трамп порачува дека кривично ќе го гони претседателот Бајден доколку се врати во Белата куќа

Вашингтон, 9 јануари 2024 (МИА) - Доналд Трамп предупреди дека може да го гони Џо Бајден доколку се врати во Белата куќа, додека неговите адвокати се подготвуваа да расправаат во судот во Вашингтон дека на Трамп треба да му се даде имунитет од кривично гонење за обидот да ги поништи изборите во 2020 година.

Поранешниот американски претседател нема да има шанса да зборува, бидејќи неговите адвокати се обидуваат да ги убедат тројцата судии на федералниот Апелациски суд дека случајот треба да биде отфрлен пред да се тргне со судење во март.

Американското Министерство за правда долго време има став  дека актуелните претседатели не можат да бидат гонети за активности што ги преземаат додека се на функцијата, а Трамп смета дека тој став треба да се однесува и на поранешните претседатели.

Доколку случајот против него не се отфрли, Трамп наведува дека би можел да го гони демократскиот претседател Бајден доколку победи на претседателските избори во ноември.

-Доколку јас не добијам имунитет, тогаш и расипаниот Џо Бајден нема да добие имунитет, рече Трамп во видеото објавено на социјалните мрежи.

„Џо би бил зрел за обвинение“, додаде тој.

Трамп е најголем фаворит во трката за републикански претседателски кандидат на изборите во 2024 година.

Се очекува адвокатите на Трамп да му кажат на советот од тројца судии на Апелациониот суд во округот Колумбија дека случајот треба да биде отфрлен.

Ако се дозволи гонење на поранешните претседатели, тврдат тие, „би започнале циклуси на обвиненија и политички мотивирани гонења“.

Специјалниот обвинител во истрагата против Трамп, Џек Смит тврди дека одобрувањето на ваков сеопфатен правен штит ќе им даде на идните претседатели дозвола за извршување кривични дела, како што е прифаќање мито или нарачување на ФБИ да подметнуваат докази против политичките противници.

Смит тврди дека Трамп се однесувал како претседателски кандидат, а не како претседател, кога извршил притисок врз службените лица да ги поништат резултатите од изборите и ги повикал неговите приврзаници да маршираат во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Барањето на Трамп за имунитет веќе беше отфрлено од американската окружна судијка Тања Чуткан. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан