• недела, 22 декември 2024

Трамп од Пенсилванија: Полесно ќе ја победам Харис, отколку Бајден

Трамп од Пенсилванија: Полесно ќе ја победам Харис, отколку Бајден

Вашингтон, 18 август 2024 (МИА) - Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека мисли оти ќе му биде полесно да ја победи демократската кандидатка Камала Харис отколку претседателот Џо Бајден, иако некои анкети покажуваат дека таа има мала предност во претседателската трка на 5 ноември, пренесоа британските медиуми. 

Поранешниот претседател Трамп ги даде забелешките на митингот во Вилкс-Бари во североисточна Пенсилванија.

Потпретседателката Харис, пак, ќе направи автобуска обиколка на Западна Пенсилванија, која ќе започне денеска во Питсбург, пред утре да започне Демократската национална конвенција во Чикаго.

-Мислам дека таа ќе биде полесно да се победи од него, рече Трамп, нарекувајќи ја Харис „радикална“ и „луда“. 

Тој, исто така, продолжи лично да ја напаѓа Харис, иако некои политички аналитичари велат дека ваквите коментари може да му наштетат на Трамп меѓу гласачите.

-Дали ја слушнавте нејзината смеа? Тоа е смеа на луда личност, рекол Трамп и додал дека не е задоволен од илустрацијата на Харис на насловната страница на најновото издание на магазинот „Тајм“. „Јас изгледам многу подобро од неа“, додаде тој.

Трамп рече дека Харис требало да направи повеќе за да се справи со инфлацијата и другите прашања откако таа и Бајден ја презедоа функцијата. Доколку биде реизбран, тој рече дека ќе потпише извршна наредба со која ќе се упатат секретарите на кабинетот и шефовите на агенциите да преземат акција за намалување на цените. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан