• петок, 22 ноември 2024

Тошковски: Ќе се процесуираат сите решенија донесени по завршување на изборите до именување нови владини членови

Тошковски: Ќе се процесуираат сите решенија донесени по завршување на изборите до именување нови владини членови

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Ќе се процесуираат сите решенија донесени по завршување на изборите до именување нови владини членови, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во одговор на новинарско прашање околу најавата за постапка против поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши за незаконско распоредување на 189 вработени.

-Факт е дека Антикорупциска комисија утврди во рамки на нивните процесни надлежности, незаконитост во постапувањата на заменик-министерот за временскиот интервал којшто беше по завршување официјално на изборниот процес се до именување на нови членови во рамките на Владата. Од страна на МВР ќе биде постапено согласно закон и ќе се процесуираат сите оние решенија кои во предметниот временски интервал не смееле да бидат донесени од страна на оној којшто ги донел, рече Тошковски.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), на седницата минатата недела утврди дека заменик-министер во техничката влада што ја предводеше Талат Џафери, донел 189 решенија за распоредување на вработени, иако тоа било спротивно на одредби од Законот за спречување корупција и судир на интереси и на Изборниот законик.

Претседателка Татјана Димитровска тогаш најави дека „ќе иницираат постапка до надлежен орган“ против поранешниот функционер. нд/ац/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан