Тошковски: Со „Безбеден град“ имаме намалување за 32 отсто на повредени лица само во Скопје и 64 отсто помалку на загинати во сообраќајни незгоди
- Министерот за внатрешни работи во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ „Алфа“, на прашањето дали продолжува трендот на намален број на сообраќајни прекршоци по воведувањето на системот „Безбеден град“, упати честитки до македонските граѓани бидејќи, како што посочи, сè што се сака и се може.
Скопје, 3 февруари 2026
Министерот за внатрешни работи во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Тв „Алфа“, на прашањето дали продолжува трендот на намален број на сообраќајни прекршоци по воведувањето на системот „Безбеден град“, упати честитки до македонските граѓани бидејќи, како што посочи, сè што се сака и се може.
„Македонските граѓани докажаа дека од 120.000 прекршоци, кои беа детектирани од страна на овие паметни камери кога почна да функционира „Безбеден град“ во рамките на тест-периодот, успеавме таа бројка да ја намалиме на нешто помалку од 500 прекршоци на првиот ден од воведувањето на системот. И во текот на 2.0.2026 фактичката состојба е иста, односно во 8 часот имавме 508 прекршоци на ниво на целата држава, односно Скопје, Куманово, Тетово, и по должината на коридорите 8 и 10, од кои 454 се за недозволена брзина, 42 за црвено светло, 12 за нерегистирани возила. Значи, приближно ја имаме истата бројка како на првиот ден од воведувањето и сметам дека и вкупната бројка во рамките на еден 24-часовен ден ќе се движи тука некаде, така што им честитам на совесните македонски граѓани, кои навистина решија да го почитуваат законот и решија да покажат дека европски вредности може да имаме и во Македонија, а не само кога ќе одиме во Европската Унија затоа што речиси и да нема земја во Европската Унија што нема имплементирано еден ваков систем. Би сакал да напоменам дека со овој систем почнавме одлично, со надеж дека оваа година ќе ги намалиме бројките на сообраќајни незгоди, бројките на повредени лица во сообраќајни незгоди и бројките на загинати лица во рамките на сообраќајни незгоди, а тоа беше и клучната круцијална цел зошто се решивме да имплементираме еден паметен систем, кој е воведен во речиси секоја земја во ЕУ. Ако целта ни е да се стремиме кон земјите членки од ЕУ, редно е тоа да го направиме и со дела и со проекти, особено проекти што спасуваат човечки животи, а „Безбеден град“ е еден таков проект“, дециден беше министерот за внатрешни работи Тошковски искажувајќи огромна благодарност до сите македонски граѓани, кои како учесници во сообраќајот покажаа дека умеат, сакаат и можат во пракса да прикажат европска вредност и во Македонија.
„Овој систем можеле да го применат и претходно, од 2008/2009 година е почнато со негово имплементирање и се користел повеќе од 15 години за една од намените што ги нуди овој систем, а тоа е да се користи во рамките на криминалистичко-оперативните обработки што се спроведуваат од страна на МВР при секојдневни операции, кои и тоа како значително го подобруваат откривачкиот капацитет на МВР. Но од почеток верував дека македонските граѓани се мудри, сите што живееме на оваа почва сме мудар народ, кој знае да препознае вистинска вредност и знае да покаже со дела дека може поинаку од претходно, само тоа требаше да го направиме во рамките на системски проект поддржан од страна на Владата, од пратениците во македонското Собрание, поддржан од страна на огромниот број совесни учесници во сообраќајот. Ние покажавме дека, всушност, треба да санкционираме на ден речиси 500 прекршители на законот во споредба со претходно и навистина мораме да го разграничиме фактот дека се бориме против мал број несовесни учесници во сообраќајот. Во Македонија во последните четири години имаме вкупен број на изречени забрани кон сторители, кои преку МВР се евидентирани и доставени до конкретните сторители, а кои притоа сториле еден прекршок за да биде изречена забрана за управување со моторно возило со правосилна судска пресуда кај 55.405 граѓани. Бројот на граѓани што сторите два прекршока е 7.987. Бројот на граѓани што имаат правосилна пресуда за забрана за управување моторно возило е 1.863. Со четири забрани се 677 граѓани, а со пет забрани 291 сторител на прекршоци и двајца со 40 забрани и сега со овој паметен систем нема да возат на тој начин. Оваа бројка на луѓе, приближно 3.000 возачи, го загрозуваат својот живот и на 2 милиона луѓе во државата“, истакна Тошковски.
Министерот појасни дека претходно на територијата на СВР Скопје имало 424 повредни лица во рамките на сообраќајни незгодни, а во последните два месеца имаме 288 лица.
„За 32 % имаме намалување на бројот на повредни лица на територијата на СВР Скопје. Од аспект на загинати лица претходно имаме 11 смртни случаи, а последните два месеца имаме четири, односно 64 % помалку. Самата бројка од 120.000 на прекршоци на 500 прекршоци навистина е неспоредлива и тоа како заслужува да бидеме горди како граѓани сите затоа што првичните резултати од овие два дена навистина навестуваат дека со овој проект имаме надеж, која е видлива, и безбедноста ќе ја поткренеме на повисоко ниво“, заклучи министерот за внатрешни работи.
Во однос на борбата против корупцијата и економскиот криминал, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Министерството постапува неселективно и дека резултатите се мерлив доказ за засилената институционална акција.
Тој посочи дека довербата кај граѓаните се враќа токму преку конкретни бројки и споредливи резултати.
„Ако ги споредиме податоците, ќе видиме јасен тренд на зголемена ефикасност. Во 2023 година МВР процесирало 126 кривични дела поврзани со корупција и економски криминал, во 2024 година таа бројка изнесува 206, а во 2025 година 290 кривични дела, што претставува зголемување од 130 %. Тоа значи дека борбата не е декларативна, туку реална и мерлива“, истакна министерот Тошковски.
Во однос на сторителите, министерот посочи дека во 2023 година биле опфатени 185 лица, во 2024 година 363, а во 2025 година 678 сторители во случаи поврзани со корупција.
Особено значајна, според него, е разликата во утврдената штета кон буџетот: во 2023 година таа изнесувала приближно 5,7 милиони евра, во 2024 година 24 милиони евра, а во 2025 година достигнала 380 милиони евра.
„Овие бројки покажуваат дека нема заштитени и нема недопирливи. Институциите работат посветено, без разлика за кого станува збор. Законот мора да важи еднакво за сите, а украденото мора да се врати кај граѓаните“, нагласи Тошковски.
Министерот додаде дека 2025 година е историски најуспешна за МВР во изминатите 20 години и во делот на вкупниот криминалитет и во делот на расветлување на кривичните дела, при што стапката на расветленост достигнува 67,2 %, што е подобрување од 10 % во однос на претходните години.
Министерство за внатрешни работи
Фото: МВР