• понеделник, 23 декември 2024

Тошковски: Се постапува во случајот со фалсификување на пари во кој е осомничен вработен во МВР

Тошковски: Се постапува во случајот со фалсификување на пари во кој е осомничен вработен во МВР

Скопје, 6 август 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, изјави дека се постапува во случајот со фалсификување на пари во кој е осомничен вработен во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

Во гостувањето на Канал 5 Телевизија, министерот Тошковски не сакаше да открие повеќе детали во врска со случајот, со цел, како што рече „истрагата да може да функционира како што треба“.

- Она коешто го имаме од заедничката соработка помеѓу двете полиции на Косово и на Македонија во соработка со Интерпол, во конкретниот случај е преземено како дејствие и за конкретниот случај се постапува и сметам дека не би можел да излезам со повеќе информации во однос на ова, сè со цел истрагата да може да функционира како што треба да функционира, рече Тошковски.

Министерот не одговори на прашањето дали и други лица од МВР биле вклучени во случајот.

Станува збор за лицето Ш.Д. (34) од Ресен, вработено во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР кое беше приведено на косовска територија во координирана акција меѓу македонската и косовската полиција под сомнение за сторено кривично дело – „фалсификување пари“.ар/са/

Фото:МИА архива 

 

Остани поврзан