• недела, 22 декември 2024

Тошковски во посета на Одделот за воздухопловни единици на МВР

Тошковски во посета на Одделот за воздухопловни единици на МВР

Скопје, 17 мај 2024 ( МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна посета на Хеликоптерската единица за посебни намени и Хеликоптерската единица за полициски намени кои функционираат во рамки на Одделот за воздухопловни единици.

Како што соопшти МВР, во рамки на посетата од страна на раководството, министерот бил запознаен со структурата, делокругот на работа, како и специфичните проблеми со кои се соочени како на краток, така и на долгорочен план, а биле презентирани и опремата и хеликоптерите со кои располага Министерството за внатрешни работи.

-Во моментот Одделот е целосно подготвен да одговори на различни предизвици како што се гасење на пожари, спасувачки мисии, превоз на ВИП личности, носење на подвесен товар,  како и медицински транспорт. Главен проблем е недостатокот на пилотски и технички кадар кој е многу специфичен и редок на пазарот на труд и што е можно поскоро треба да се преземат сериозни мерки и реформи во насока на надминување на овој проблем со цел да не се доведе во прашање функционирањето и постоењето на оваа многу важна организациска единица, истакнал Тошковски.

Исто така, како што додал министерот, хеликоптерите кои ги поседува МВР се технички застарени и сè потешко станува нивното сервисирање, поради што неминовна е потребата од сериозна набавка на нови хеликоптери со што ќе се направи и унификација на флотата заради поефикасно и поекономично функционирање во иднина, согласно меѓународните стандарди и технолошки дострели кои наоѓаат широка примена во современото полициско постапување.

-Од тие причини потребно е да се направи темелна анализа и да се преземат соодветни стратешки чекори насочени кон долгорочно зајакнување и зголемување на полициските капацитети во овој дел, нагласил министерот Тошковски при денешната посета. дма/са/

Фото: МВР

 

 

 
 

Остани поврзан