• петок, 11 октомври 2024

Тоти: Де Роси е разочаран од односот на Рома

Тоти: Де Роси е разочаран од односот на Рома

Рим, 10 октомври 2024 (МИА) - Легендата на Рома, Франческо Тоти не е изненаден од резултатите на Антонио Конте во Наполи, но призна дека поранешниот соиграч Даниеле Де Роси е „разочаран“ од начинот на кој „волците“ се однесувале кон него. Тоти и Де Роси повторно се собраа во Вијареџо, Тоскана, на забава на која присуствуваа сите светски шампиони со Италија од Светското првенство во 2006 година.

-Тоа беше убава вечера, сите беа среќни и ми беше задоволство да сме повторно заедно после толку долго време. Овој тим беше еден од најдобрите, но она што не направи одлични беше колективот. Сите гледавме во иста насока, изјави поранешниот напаѓач пред „ТМВ“.

Мисли дека актуелната репрезентација на Италија може да направи големи работи бидејќи има одличен тренер и надежни младинци.

Производот од академијата на Рома, Николо Пицили го доби својот прв повик за натпреварите против Белгија и Израел, а Тоти имаше само пофални зборови. 

-Зборуваме за талент кој ветува и јас сум среќен што Рома може да смета на него. Николо е одличен играч и љубезен човек, кој ги држи нозете цврсто на земја, истакна „Принцот на Рим“.

Тоти го коментираше и отказот на Де Роси од Рома пред околу 20 дена.

-Тој е разочаран од тоа како испаднаа работите - и во однос на времето и начинот, но овие работи се случуваат во фудбалот и секогаш можете да започнете одново по негативните настани, истакна Тоти.

Наполи на Антонио Конте води на табелата во Серија „А“ со два бода пред Интер. „Партенопеите“ не се ни пласираа во европските натпреварувања минатата сезона, но Тоти не е изненаден од нивните резултати оваа сезона.

-Изненаден? Воопшто. Конте е одличен тренер со одличен тим. Наполи, Јувентус и Интер се фаворити за Скудетото, заклучи тој. дс

Фото: Архива

Остани поврзан