• понеделник, 23 декември 2024

„Тортура“: Обвинетите со апсењето на Бошковски сториле страдање мотивирано од политички реваншизам, наведе обвинителството во завршниот збор

„Тортура“: Обвинетите со апсењето на Бошковски сториле страдање мотивирано од политички реваншизам, наведе обвинителството во завршниот збор
Скопје, 12 мај 2021 (МИА) – Од сите изведени материјални и вербални докази се докажа дека обвинетите ги повредиле нормите на етичко и морално поведение и го сториле делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, со основен мотив предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политичи реваншизам, изјави пред Судот во завршен збор за случајот „Тортура“  обвинителот Љубомир Лапе. Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, а се однесува на аспењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година. Во овој случај првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, заедно со уште шест други лица. - Тортура мачење претставува секој акт со кој на некое лице му се нанесува големо страдање – физичко или душевно со цел од него или некое трето лице да се добие известување или признание и се казни за некое дело кое тоа или друго лице го сторило, да се заплаши или врз него да изврши притисок од било каков друг мотив заснован на дискриминација. Обвинетите во конкретниот случај со своите дејствија ги оствариле битните елементи на ова кривично дело. Во конкретниот случај, како облик на дејствие на сторување е предизвикување на страдање поради каков било облик на дискриминација. Сметам дека превагнувачки начин на извршување е политичката дискриминација, односно основниот мотив бил предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политичи реваншизам, поради што токму овој начин на извршување е предмет на ова обвинение, рече Лапе. Посочи дека станува, збор за сложено кривично дело со повеќе алтернативни дејствија на извршување, меѓу кои употреба на сила, закана или друго недопуштено дејство или начин со кое се предизвикува кај друг тешко телесно или душевно страдање. -  Комплекснота на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиторим, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник, жртвата во јавност, рече Лапе. Првата група на докази, посочи обвинителот Лапе, се однесува на состојба на душевно страдање на жртвата Љубе Бошковски, за која во текот на расправата беа изведоа повеќе материјални докази, од кои произлезе дека апсењето на 6 јуни на него делува како стрес и доживеал душевно страдање од силен интензитет. -  Од изнесената медицинска документација и изготвено вештачење од судска медицина ова е неспорно за странките во постапката, нагласи Лапе. Од видео снимката на МВР од апсењето на 6 јуни 2011 година, обвинителот Лапе, посочи дека јасно се гледаат сите дејствија на обвинетите на чинот на апсење на Љубе Бошковски – од негово легнување на земја и приведување. -Прво прашање е зошто снимката од апсењето е сечена и заматена. Точниот одговор се наоѓа од разговорот на Гордана Јанкуловска и Иво Котевски дека има и некои понасилни елементи и дека тие не треба да се даваат, изјави Лапе. Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани. бк/аа/

Остани поврзан