• сабота, 23 ноември 2024

Тихановскаја: Добив чудна порака, можно е мојот сопруг Сергеј да починал во затвор

Тихановскаја: Добив чудна порака, можно е мојот сопруг Сергеј да починал во затвор

Вилнус, 4 јули 2023 (МИА) - Лидерката од егзил на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, соопшти дека непознато лице ја известило дека нејзиниот сопруг Сергеј можно е да починал во затворот во Белорусија, пренесуваат француските медиуми.

Тихановскаја се нема слушнато со сопругот од март годинава. Во декември 2021 година, Сергеј Тихановски беше осуден на 18 години затвор по повеќе обвиненија, вклучително и „организирање масовни немири“ во земјата со која од 1994 година владее Александар Лукашенко.

Осудата се сметаше за политичка одмазда за жената која го предизвика Лукашенко на претседателските избори во 2020 година, предизвикувајќи масовно протестно движење кое беше задушено со насилство, забележаат француските медиуми.

„Денеска добив многу чудна и застрашувачка порака. Непознато лице напиша дека мојот сопруг Сергеј починал во затвор“, напиша Тихановскаја синоќа на Твитер, додавајќи дека „нема докази за ова тврдење“.

Според неа, ова не е прв случај во кој се шират гласини за смртта на нејзиниот сопруг, но од 9 март таа нема никакви вести за него и „адвокатите не смеат да се видат со него“.

„Ова е уште еден обид на режимот да изврши притисок не само врз политичките затвореници, лишени од секаков контакт со надворешниот свет и држени во ужасни услови, туку и врз нивните роднини, принудени да живеат без никакви информации“, нагласи лидерката на белоруската опозиција.

„Се грижам за Сергеј секој ден. Многу е тешко да се живее кога не знаеш дали твојот сопруг е жив или не“, напиша таа на Твитер.

Тихановскаја беше принудена да емигрира поради владината репресија. Во март таа беше осудена во отсуство на 15 години затвор по серија обвиненија, вклучително и „заговор за преземање на власта“. сд/

Остани поврзан