• среда, 18 декември 2024

„Тиквеш“ почнува договорен откуп со лозарите за квалитетно грозје

„Тиквеш“ почнува договорен откуп со лозарите за квалитетно грозје

Скопје, 24 април 2023

Во насока на подобрување на квалитетот на грозјето, раководството на „Тиквеш“ преку низа активности, од кои дел е и оваа средба со лозарите, креира нова платформа за стратешка соработка со лозарите. Преку зајакнување на ова стратешко партнерство ќе се овозможи подигнување на квалитетот на виното, но и унапредување на лозарството во земјата.

Со цел за зајакнување на соработката, континуиран напредок и воведување на модерни техники во винарството, „Тиквеш“ организираше средба на која присуствуваа над 150 лозари од тиквешкиот регион. На средбата беа презентирани стандардите и критериумите за одгледување грозје за врвно вино во премиум сегментот. Стандардите и критериумите за квалитет се дефинирани врз основа на податоците добиени од домашните и меѓународните истражувања, како и дигитализација во лозарството, а на нивно имплементирање и едукација веќе се работеше во изминатиот период.

Покрај критериумите и стандардите за одгледување висококвалитетно грозје, со лозарите беа договорени и ценовната политика за откуп и количините грозје. Грозјето произведено по презентираните стандарди и критериуми ќе биде откупувано од „Тиквеш“ за 33 денари за килограм, додека грозјето одгледано под истите критериуми, а на лозови насади кои имаат и систем за наводнување „капка по капка“ ќе се откупува по цена од 35 денари за килограм. Оваа стимулативна цена треба да обезбеди имплементирање на мерките и дополнително подигнување на квалитетот на грозјето за премиум вино.

Со лозарите беа договорени и стандардите за трите нивоа на квалитет за грозје дефинирани според деталните критериуми и механизми за мониторинг и контрола на лозовите насади. Критериумите се однесуваат на сортната чистота, начинот на резидба, здравствената состојба, висината на приносот по лоза и по хектар, начинот на наводнување, видот и обемот на агро-техничките мерки кои се применуваат, начинот на берба, транспортот на грозјето и други.

Врвниот квалитет на премиум вината на „Тиквеш“ е веќе добро препознатлив на пазарите, а досегашната пракса покажа дека токму квалитетот ќе овозможи зајакнување на позициите на македонското вино.

„Како водечка винарница, ние сакаме да го зајакнеме квалитетот на нашите вина, бидејќи досегашното искуство покажа дека само со неприкосновен квалитет можеме да обезбедиме солидна позиција на високо конкурентните пазари. Токму затоа, веќе подолг период работиме на подигнување на стандардите и критериумите за квалитет во лозарството. Ова се веќе применети практики во светот кои ќе овозможат не само поквалитетно грозје, туку и стабилен развој на лозарството и можност за долгорочно планирање. Овој модел ќе придонесе кон развој на целата винска индустрија и подигнување на квалитетот на нашите вина“, истакна Александра Ристова, раководител на Одделот за управување со лозови насади во „Тиквеш“.

Покрај воведувањето на новите стандарди и критериуми, „Тиквеш“ ќе продолжи со стратешката соработка со лозарите обезбедувајќи им заштитни средства со пониски цени, како и бесплатни анализи на почвата на нивните насади. Продолжува едукацијата и стручните совети за постапките во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а соработката ќе биде интензивирана во текот на целата година.

Винарската визба Тиквеш

________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан