• понеделник, 23 декември 2024

„Тетово сака парк“: Тетово живее во постојана еколошка катастрофа

„Тетово сака парк“: Тетово живее во постојана еколошка катастрофа

Тетово, 31 мај 2022 (МИА) - Иницијативата „Тетово сака парк“ испрати реакција до јавноста на случувањата во градот поради еколошката катастрофа предизвикана од поплавите и огромниот пожар во индустрискиот објект на „Пофикс“ (поранешна „Македонија Табак“) во која  наведуваат дека градот константно живее во еколошка катастрофа со години наназад.

Притоа, наведуваат, никој од надлежните сериозно не се заангажира околу најосновните човекови права и потреби: чиста вода за пиење, чист воздух, зелени површини, дрвореди, слободни тротоари, безбеден пешачки и велосипедски сообраќај, право на светлина и видик од сопствениот прозорец наместо поглед во преблиску доближената новоизградена соседна зграда, право на место во градинка за сопственото дете...

-Тетово е препуштено на импровизации, непрофесионализам и корупција, а во таква ситуација неизбежна е не само зачестената појава на нови несреќи и катастрофи, туку и сѐ потешкото справување со нив. Тетово е град кој е рекордер, не само на национално, туку и на светско ниво, по загаденост на воздухот со години. Дали некој од Вас забележа било каков обид ова да се промениАпсолутно не! Во Тетово продолжи урбанистичкиот хаос, градењето без план, без одобрение, спротивно на јавниот интерес и сите принципи на хумано планирање на просторот. Инфраструктурата е дотраена, а во мали слепи улички никнуваат огромни згради. Градот нема зеленило, а Општината продолжува да ги сече и последните столетни дрвореди, со смешни изговори! Постојат индиции дека економски субјекти согоруваат сомнителни енергенси, а инспекциите не го контролираат теренот, велат од „Тетово сака парк“.

Според нив, отсуствува граѓанска вклученост во одлучувањето, а Општината ги игнорира малкуте граѓански иницијативи каква што е нивната.

-Тетово е единствен град без парк, а на носителите на јавни функции помили им се правата на инвеститорите, отколку правата на граѓаните. Бетонот го јаде секојдневно зеленилото. Општината соопштува дека го суспендира штетниот ДУП за УБ 57а (ШИК „Јелак“), а пред наши очи во истиот блок започнува да се гради станбена зграда, по уредно издадено одобрение за градба со урбанистички услови кои произлегуваат од суспендиран план! Јавните пари се трошеле на хонорарци кои не оделе на работа, додека пак, на пример, пожарната и комуналната служба имаат дотраена или недоволна опрема.  Грешките од минатото ни се повторуваат, а во целата оваа ситуација самото избувнување на пожар на атрактивна градежна локација, иако веќе во приватна сопственост, со право отвора сомнеж кај јавноста, особено што сѐ уште не е донесен нов ДУП за тоа подрачје, велат од иницијативата.

Тие додаваат и дека отсуствува визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај, користењето на приватни возила е навистина во неразумна мера, а Општината не стимулира велосипедски и пешачки сообраќај, ниту пак воспоставува вистински јавен градски и приградски превоз. ас/сст/

Остани поврзан