• недела, 01 март 2026

Теренско противпожарно возило донација за ДПД Пехчево

Теренско противпожарно возило донација за ДПД Пехчево

Пехчево, 28 февруари 2026 (МИА) - Во свечена атмосфера, денеска во Пехчево беше извршено примопредавање на ново теренско противпожарно возило, донација од Rotary Club Skopje West, наменето за потребите на Доброволно противпожарно друштво Пехчево.

Возилото како што истакна градоначалникот на Пехчево, Александар Китански претставува значајно засилување на оперативните капацитети на друштвото, особено при интервенции на шумски пожари и на тешко пристапни планински терени, кои се карактеристични за регионот на Пехчево.

-Со оглед на зголемениот ризик од пожари во летниот период и специфичната конфигурација на теренот, новата опрема ќе овозможи побрза, поефикасна и побезбедна реакција на доброволните пожарникари, истакна Китански.

На настанот беше истакнато дека донацијата е резултат на заедничка соработка и препознавање на потребата од континуирано јакнење на локалните капацитети за заштита и спасување.

Претставниците на друштвото изразија искрена благодарност до членовите на Rotary Club Skopje West за укажаната доверба, поддршка и хуманост, нагласувајќи дека ваквите иницијативи директно придонесуваат за зголемена безбедност на граѓаните на Пехчево и околните населени места.

Од Доброволното противпожарно друштво Пехчево потенцираа дека и понатаму ќе продолжат да дејствуваат посветено, храбро и одговорно – во служба на заедницата, подготвени да одговорат на сите предизвици со кои се соочува регионот. вс/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан